Претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, на митингот во Општина Желино порача дека доколку дојде на власт, ќе се залага Македонија да стане бинационална држава.

– Ние ќе се залагаме албанскиот јазик да биде службен на цела територија на Македонија, која ќе биде бинационална држава, ќе се донесуваат одлуки со консензус, ќе ја спроведеме целосно децентрализацијата. Со исполнување на овие мерки, кои ќе бидат регулирани со закон, Албанците повеќе нема потреба да се плашат од тоа кој ќе биде идниот премиер – изјави Села.

Села како дел од програмата на Алијансата за Албанците, понуди и нов концепт на распределба на работни места, според етничка припадност.

– Ние ќе предложиме и правична распределба на работните места. На пример, во тетовската полиција да има вработено 80 проценти Албанци, а вака ќе биде во сите институции. Вработувањето по етничка линија ќе биде реализирано во зависност од тоа колку во одреден регион живеат Албанци – изјави Села.

Албанците вработени според Рамковен договор, а кои седат дома и земаат плата, Села ги нарече паразити. Тој истакна дека за овие млади луѓе мора да се најде работа.

– Гледам дека отсега се зборува за некакви владини коалиции, на пример Беса со ВМРО-ДПМНЕ, ДПА со ВМРО-ДПМНЕ и слично. Јас сакам да порачам, на Алијансата за Албанците вистински коалиционен партнер е албанскиот народ и по изборите ќе ја почнеме вистинската битка со македонската страна – рече Села на крајот од својот говор.