Фото: Guillaume Perigois, Unsplash

Секторските работни групи (СРГ) треба да ја зголемат соработката со граѓанските организации (ГО), која треба да се одвива транспарентно и со партнерски однос, со цел поквалитетно и поефикасно да се испланираат и да се спроведат проектите од ЕУ кои се важни за Република Северна Македонија во евроинтеграциските процеси. Тоа да се однесува за сите СРГ, кои се вкупно 12. Во СРГ за конкурентност и иновации, на пример, воопшто не се вклучени ГО, и токму затоа е неопходно набрзо да се создаде унифициран модел на избор за учество на ГО во СРГ, што ќе стане практика и обврска. Ова беше посочено на денешната секторска консултација на тема: Ефектите од работењето на СРГ за конкурентност и иновации, идни предизвици за подобрување на соработката меѓу граѓанските организации и институциите.

Според Горан Лазаров од Фондацијата отворено општество, СРГ за конкуреност и иновации, како воопшто, сите СРГ, имаат значајна улога во креирањето и следењето на пристапните процеси кон ЕУ, посебно во распределбата на средствата од ИПА 2 и ИПА 3 фондовите.

„Сѐ уште се скромни податоците за учеството на ГО во СРГ. Според спроведена анкета на 107 невладини организации, 76 отсто од нив рекле дека немаат никаков придонес, а само 9 отсто имаат свои претставници во СРГ, иако 94 отсто изразиле интерес за учество при расперделбата на ИПА средствата. Сѐ уште нема унифициран систем за учество на ГО во СРГ, поради што се неопходни механизми тоа да стане задолжителна обврска“, рече Лазаров.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, посочи дека учеството во работата на СРГ сега се потпира на 4-те стопански комори и на бизнисот, односно Организацијата на работодавачи, и дека недостига поконкретна иницијатива и информираност за вклучување и поголемо учество на ГО. Но, тоа да бидат активни организации, кои би можеле да се избираат преку јавен повик за да се види која ќе биде позицијата на ГО во СРГ. Истовремено, СРГ, според Факиќ, треба да бидат потранспарентни во работењето и за тоа да поднесуваат отчетни извештаи.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека системот на работење на СРГ е нов во регионот и кај нас и треба да се надградува. СРГ за конкуреност и иновации е директно под ингеренции на Владата и е поставен како механизам за планирање на ИПА 2 и ИПА 3 средствата за развој на приватниот сектор.

„Загрижува што во него не се вклучени ГО кои преку размена на мислења и консултации можат да дадат придонес за подобрвање на програмските политики. Но, не сите ГО можат да бидат дел од СРГ. Треба да се направи избор на најсоодветни организации, за одредена област, кои можат врз основа на своето искуство да дадат придонес. Владата веќе има дефинирано стратегија за развој и значаен е сечиј придонес. Има простор за работа за сите, за разни области, а при тоа отчетноста и транспареноста се важни, за нашата слика во меѓународните листи“, рече Битиќи.

Целта на функционирањето на СРГ е што повеќе да се најдат начини за искористување на европските фондови, со цел да се зголеми иновативноста и конкуреноста на малите и на средните претпријатија. Тоа го оцени Јадранка Аризанкова од СКМ. Според неа, мора да се изгради заедничка стратегија за зголемување на конкуреноста и техничкиот развој на фирмите, што е важно за искористување на сите европски фондови, не само на ИПА. „За таа цел, покрај ГО во СРГ треба да се вклучат и академската фела, универзитетите и приватниот сектор, да се направи баланс на чинители од сите сегменти“, посочи Аризанкова.

Христина Конеска од СЕП наведе дека, со новата методологија за пристапни преговори со ЕУ, Владата е носител, но сите ГО имаат свое место и улога и можат да продонесат во реформските процеси. „Главната улога на СРГ е да бидат креатор на средствата од ЕУ програмите и фондовите кои треба квалитетно да се испланираат и на ефикасен начин да се реализираат, соо систем на контрола. СЕП во ГО гледа клучен партнер со потенцијал и знаење кој може да се искористи. Нивните претставници не треба само да бидат присутни во СРГ, туку активно да учествуваат како партнери“, рече Конеска.