Речиси секој втор граѓанин на Македонија пуши, а во текот на изминатава година најголемо секојдневно опивање е забележано меѓу младите на возраст од 15 до 24 години, покажува новата студија за употребата на психоактивни супстанци во Република Македонија, која ја изработи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Македонија.

Презентирајќи ја студијата, директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети, нагласи дека загрижува и фактот што дури половината од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш или двапати пробале марихуана.

Студијата го опфатила населението на возраст меѓу 15 и 64 години и е утвдено дека 46 отсто од нив се активни пушачи, а потесно, во групата од 15 до 34 години, 40 отсто пушат.

Во поглед на алкохолот, дури 76,9 отсто од луѓето на возраст од 25 до 34 години некогаш консумирале алкохол, а во изминатата година и во изминатиот месец највисок е процентот на консумирање алкохол кај младите на возраст од 15 до 24 години, односно 68,5 отсто. Четири или повеќепати седмично алкохол консумира највозрасната група од испитувањето, односно луѓето на возраст од 55 до 64 години, при што бројката на мажи во оваа категорија е четирипати поголема од таа на жените.

Од сите старосни групи, бројката на секојдневно тешко пиење (шест или повеќе чаши алкохолни пијалоци во иста пригода) е најзастапено кај младите на возраст од 15 до 24 години, односно 1,7 отсто од нив се со таква зависност.

Дури 32,5 отсто од испитаниците пријавиле дека во изминатата година земале апчиња за смирување, а тука се „најактивни“ најстарите меѓу испитаниците.

Во поглед на негалните дроги, 8,9 отсто од сите испитаници рекле дека некогаш во животот земале илегални дроги, а тука предничат младите на возраст меѓу 15 и 24 години, со 18,9 отсто.