Секој трет адолесцент има депресија, младите се борат во тишина поради стигмата

Четириесет и два отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност, покажува студијата на УНИЦЕФ

Фото: УНИЦЕФ

Секој трет адолесцент изјавил дека има симптоми на депресија. Многу поголема е веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата – дури шестпати повеќе. Околу 42 отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност, а пројавиле и повисок интензитет на суицидални мисли како последица на депресијата и стравот од ковид-19.

Ова го покажало истражувањето на УСАИД, УНИЦЕФ и Министерството за здравство, за менталното здравје на децата и нивните родители за време на ковид-пандемијата. На оваа тема денеска се дискутираше на конференција организирана од УНИЦЕФ.

„И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за ментално здравје, не побарале такви услуги. Многу деца и адолесценти се борат во тишина, поради стигмата или затоа што нема доволно иницијативи кои го промовираат и го штитат менталното здравје и грижата за оние на кои им е најпотребна. Цената на оваа тишина може да се пресмета во изгубениот човечки капитал, а тоа влијае врз хармонијата и просперитетот на семејствата, заедниците и државите“, рече Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ.

На конференцијата се обрати и Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, која кажа дека во текот на изминатите години направени се чекори во контекст на подигнување на свеста за менталното здравје и разбивање на стигмата поврзана со него.

„Сѐ повеќе луѓе зборуваат за нивните сопствени борби со менталното здравје. Сѐ почесто се разговара за корелацијата меѓу менталното и физичкото здравје. Но, очигледно имаме уште многу работа. И како индивидуи, и како колектив“, рече Ѓоргиевска.

Во текот на својот живот децата и младите искусуваат различен степен на ментално здравје и добростостојба. Според глобалните податоци, 1 од 10 ќе искуси и проблеми со менталното здравје.

Освен студија за адолесцентите, изработена е студија за менталното здравје на жените во перинаталниот период, која покажува дека повеќе од 54 отсто од младите мајки што пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето, а токму тоа е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

На конференцијата беше истакнато и дека децата треба да учат во училишта кои обезбедуваат сигурна и заштитничка околина без насилство.

„Во тој контекст, УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД работеше со Бирото за развој на образованието за да им понуди можност на училиштата да промовираат позитивно ментално здравје и добросостојба, да ја зајакнат отпорноста и да градат животни вештини кај учениците, да се борат против стигмата и да го зајакнат пристапот до услуги за поддршка на менталното здравје“, беше кажано на конференцијата.

Како резултат на ова, 60 отсто од вработените во училиштата, вклучително и психолози и педагози посетиле обука за воведување програма за ментално здравје и психосоцијална поддршка. Вкупно 3.000 наставници од одделенска настава биле обучени за примена на модулот за ментално здравје како дел од Националниот концепт за основно образование.