fbpx

Секој секого тужи – поплава од кривични пријави во Македонија

-

Состојбата во Македонија, која некои ја нарекуваат политичка криза, предизвика поплава од кривични пријави, особено против и за политичари, јавни личности и за новинари.

Во мала земја како што сме ние, се чини дека во моментов секој секого тужи и секој секому поднесува кривична пријава.

За помалку од три месеци – од 31 јануари до денеска – кривични пријави поднеле или против нив има поднесено: Зоран Заев, Сашо Мијалков, Горан Груевски, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Тони Трајковски, Стево Пендаровски, Тито Петковски, Радмила Шекеринска, Андреј Жерновски, Оливер Спасовски, Иво Николов-Сачевалиев, Владимир Талески, Васко Ковачевски, Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Маја Парнаџиева-Змејковска, Џемали Мехази.

Има 22 предмети за тужени новинари.

Во најава има пријави за или против Иво Котевски, Горан Трајковски, Самка Ибраимовски, Артан Груби, Стојанче Ангелов и Горан Петрески.

Адвокатот Филип Медарски вели дека во поновата историја на Европа немало таков пример каква што е сега ситуацијата кај нас.

– Овој наплив на кривични е, всушност, доказ дека имаме аномалија на системот. Односно, покажува, за што имаме цврсти докази, дека институциите не функционираат. Мислам дека Обвинителството тешко може да се справи со целата ситуација. Вакви скандали за кои се поднесувале голем број кривични пријави имало и во други држави. Но, се покажало дека другите држави имаат капацитет да решат вакви ситуации, како, на пример, Италија и нејзината борба со мафијата – ни рече Медарски.

Зголемениот број кривични пријави значи дека се случил голем криминал во државата, вели Гордан Кајалџиев, професор по казнено процесно право на Правен факултет „Јустинијан Први“.

– Обвинителството нема капацитет ниту, пак, сака да се справи со сите овие кривични пријави. Нормални демократски земји немаат вакви скандали зошто тие имаат систем на поделба на власта (check and balances), а Македонија нема – ни изјави Калајџиев.

Во Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) велат дека најчесто новинари ги тужат новинарите.

– Во периодот од октомври до декември 2014 година, од две овластени лица на Здружението на новинарите на Македонија, следени се 22 предмети за судски случаеви каде се тужени новинари за клевета и за навреда, на вкупно 32 рочишта за одржани расправи. Позитивно е тоа што три од овие судски предмети се одбиени од страна на судот како неосновани, со што бројот на тужени новинари за овие дела, заклучно со декември, е 19. Најчесто тужителите се новинари. Од 19 случаи, заклучно со декември, 11 се новинари против новинари. Додека клевета и навредата беа дел од Кривичниот законик имаше повеќе од 300 случаеви на тужени новинари. ЗНМ тековно ги следи сите судски случаи каде се тужени новинари за клевета и за навреда и набргу ќе подготви и извештај за овој процес – вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

Хронологија на кривичните пријави:

  • 31 јануари – Четири лица, меѓу кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се осомничени во големата полициска акција „Пуч“, јави МВР. Целата група ќе одговара за насилство кон државни органи, загрозување на уставен поредок и на демократски институции, дело кое првпат се открива во Македонија.
  • 10 февруари – Социјалдемократскиот сојуз поднесе кривични пријави против директорот на УБК, Сашо Мијалков, и началникот на Петта управа, Горан Груевски, како и проитв НН лица поради, како што велат оттаму, незаконско прислушување на повеќе од 20.000 лица од различни профили.
  • 19 февруари – Хелсиншкиот комитет ги поднесе тужбите против министерот за здравство, Никола Тодоров, и двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејковска и Џемали Мехази, за несовесно работење во случајот на малата Тамара Димовска.
  • 26 февруари – Кривична пријава против премиерот Никола Груевски, за оддавање службена тајна, поднесе СДСМ.
  • 3 март – СДСМ поднесе три кривични пријави против Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, како и против градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
  • 5 март – СДСМ поднесе „проширување на кривичната пријава за неовластено прислушување“ на онаа поднесена пред неколку недели. Стево Пендаровски изрази надеж дека доказите што покрај него ги доставија и претседателот на НСДП, Тито Петковски, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, градоначалникот на Општина Центар и доскорешен претседател на ЛДП, Андреј Жерновски, и секретарот на СДСМ, Оливер Спасовски, нема да ја доживеат судбината на претходно поднесената кривична пријава, за која „нема абер што се случува со неа“.
  • 10 март – Непосредно пред одржувањето на трибината на СДСМ во „Универзална сала“, од МВР информираа дека против Зоран Заев е поднесена кривична пријава за примање поткуп. МВР го товари Заев дека од лице од Струмица побарал подарок од 200.000 евра за да му овозможи да приватизира градежно земјиште.
  • 13 март – Лидерот на опозцијата, Зоран Заев, преку својот адвокат Ване Андреев до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против струмчкиот бизнисмен Иво Николов-Сачевалиев, за лажно пријавување и за нудење поткуп.
  • 20 март – Битолската опозиција до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против битолскиот градоначалник Владимир Талески. Лидерот на битолските социјалдемократи и пратеник, Васко Ковачевски, рече дека кривичната пријава ги содржи сите наводи што стојат во разговорот од снимките, објавени од СДСМ, меѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
  • 20 март –  СДСМ поднесе 21 кривична пријава против повеќе од 17 сторители на кривични дела против изборниот процес. Радмила Шекеринска рече дека сите 21 кривична пријава, кои се базирани само на доказите што ги доставиле и до јавноста, за криминал за време на изборите, се веќе во Обвинителството.

Во меѓувреме има најави за нови пријави, со што ситуацијата станува уште поинтересна.

  • 18 февруари – Иво Котевски, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, ги демантира сите текстови во кои се зборува за поврзаност на Министерството со групата што се претстави како „Македонски анонимуси“ и најави дека ќе поднесе тужба во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
  • 10 март – По објавените аудиоснимки во кои се навредува ромската популација, Партијата за целосна еманципација на Ромите најавува кривична пријава против министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски. Претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, бара другите партии на Ромите кои се во Владата да дадат согласност за кривичната пријава.
  • 14 март – Артан Груби, пратеникот и шеф на кабинет на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека ќе поднесе шест тужби против неколку медиуми. Тужбите се против медиуми на албански јазик, меѓу кои и весникот „Лајм“, интернет-порталите „Алмакос“, „Тетова сот“, „Тетова 1“. Ако не добие извинување, Груби рече дека ќе ги тужи овие медиуми за клевета за наводите во текст, во кој се тврди дека проруските сили подготвуваат украинско сценарио во Македонија, оти е наречен шпион и со други навредливи зборови.
  • 15 март – Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, најави дека ќе поднесе кривична пријава против главниот и одговорен уредник на МРТ, Горан Петрески, како што вели тој, поради злоупотреба на службена должност и дезинформирање на македонскиот народ, со што, според Ангелов, се нанесува непоправилва штета врз јавноста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...