Од над 400 автобуси и возила со кои се превезуваат патници, полицијата кај речиси една четвртина констатирала дека има неправилности. Во контрола направена во само еден ден, Министерството за внатрешни работи, од вкупно 405 автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз на патници, кај 92 возила се констатирани неправилности, на технички преглед биле упатени 170 возила, додека 34 се исклучени од сообраќај бидејќи биле неисправни.
Во текот на контролите поднесени се и три кривични пријави за безобѕирно управување со моторно возило, што опфаќа возење под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 промили во крвта, возење со брзина која надминува 50 километри на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место, како и возење под дејство на дроги, психотропни супстанции. Во рамките на контролите едно возило е одземено и констатирани се и 239 прекршоци од друг вид.
