Секој трет средношколец бил кај школскиот психолог поради недисциплина

„32,9 проценти од средношколците од Скопје, го посетиле или биле пратени кај училишниот психолог заради недисциплинираност, а 15 проценти заради голем број на изостаноци“, велат податоците произлезени од истражувањето „Перцепции за менталното здравје помеѓу средношколците во Скопје“ кое Здружението на граѓани „Младите можат“ го спроведе годинава.

Токму овие податоци беа инспирација за панел дискусијата „Ќе те пратам кај психологот! – Казна, закана или поддршка“ која се одржа вчера во „МладиХаб“ во Скопје. Целта на овој настан беше да се поттикне дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците, да се презентираат наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје.

Врз основа на нејзиното долгогодишно професионално искуство, психологот Гордана Блажевска Спиридонова го започна своето излагање со акцентирање на тоа што во последните три години сѐ повеќе средношколци прашуваат и бараат помош, сакаат да се грижат за нивното ментално здравје.

„Уште сме на почеток на пронаоѓаме во темава, училиштето е неподготвено да одговори на проблеми неповрзани директно со образовниот систем, како што е менталното здравје и дијаметрално различната перцепција на децата, возрасните и установите во врска со психолозите,“ истакна таа.

Кристијан Ангелески, младински работник и дел од базата на ментори на „Младите можат“ со своето излагање објасни зошто токму врсничката едукација е избрана како соодветен пристап на темата.

„Бидејќи е од млади за млади, бидејќи е многу полесно да се почувствуваш слободен и близок со свој врсник отколку со возрасен. Најголемиот предизвик во процесот на изработка на прирачникот беше тоа што не постои во светот веќе подготвен прирачник за врсничка едукација за ментално здравје,“ сподели тој.

Третиот панелист, Тамара Митевска, од своето искуство како врснички едукатор сподели дека најголемиот предизвик токму на самите работилници било тоа што средношколците менталното здравје го поврзуваат со проблеми, болести, депресија, попреченост, или пак мала отсутност и незаинтересираност.

„Им беше чудно што некој на нивна возраст издвоил време да дојде за да ги праша како им поминал денот, како се чувствувале и да им даде информации како да одржуваат ментална хигиена,“ нагласи таа.

Прирачникот за врсничка едукација за ментално здравје е достапен во електронска форма, за сега само на македонски јазик, на веб страницата на „Младите можат“ (www.youthcan.org.mk) и е наменет само за млади кои поминале соодветна обука за врсничка едукација.

Истражувањето „Перцепции за менталното здравје помеѓу средношколците во Скопје“, како и програмата за врсничка едукација за ментално здравје се дел од едногодишниот проект „You(th) can do it better!“ кој „Младите можат“ го имплементира во 2019 г. со поддршка од најголемата германска младинска фондација „Schuler Helfen Leben“.