Од 2011 година официјалните мерења покажуваат постојан тренд на зголемување на отпадот во земјава. Само за четири години комуналниот отпад е зголемен за 90.000 тони. Најголем “произведувач“ на отпад е Скопскиот регион, а најмало количество на создаден комунален отпад има во Југоисточниот регион, пишува во неделната анализа на „Порталб“. Најновото истражување на Заводот за статистика посветено на состојбите со животната средина покажува дека на територијата на целата држава има 45 официјални и уште 1.000 диви, нерегистрирани, но активни депонии на кои секојдневно се трупа ѓубре. 

Скопскиот регион – најголем “произведувач“ на отпад …

Секој граѓанин во земјава дневно создава по 1,13 килограми отпад  или 412 килограми годишно. Најновото истражување на Заводот за статистика посветено на состојбите со животната среднина, а со кое е опафатен дури и период од 2011 та година па наваму,  покажува дека на територијата на целата држава лани биле создадени 854 865 тони отпад, од нив  625 386 тони се собран комунален отпад

 “Најголемо количество комунален отпад е собрано во Скопскиот Регион, а најмало количество во Југоисточниот Регион. Иста е состојбата и со количеството на создаден комунален отпад.“ – се наведува во истражувањето кое покажува и дека даноците за загадување имаат и најмал удел во вкупните даноци што се плаќаат по различни основи за животна средина.

 “Во 2017 година, најголемо е учеството на даноците за енергенти со 64.4 %, потоа учеството на даноците за транспорт со 34.7 % и најмало е учеството на даноците за загадување со 0.9 %“.

Од 2014 година до 2018 година, количеството на создаден комунален отпад е во постојан раст. Во 2014 та биле регистрирани 765 156 тони комунален отпад, четири години подоцна ова количество на отпад се зголемило за скоро 90 000 тони.

На годишно ниво расте количината на создаден отпад, сразмерно на тоа е зголемено и количеството на отпад по глава на жител па така  од 2014 година до крајот на 2018 година, годишното количество на отпад по жител се зголемило за 42 килограми. 

Податоците покажуваат постојан пораст на отпад од пакување. Се работи за амбалажно пакување пуштено во промет, и од домашно производство и од увоз. Во 2011 година отпадот од амбалажа во која имало производи дистрибуирани на пазарот бил 48 341 тон. Следните години овој вид на отпад е во постојан пораст, со што во 2017 година доаѓа на ниво од 68 920 тони. Охрабруваат податоците дека расте процентот на рециклирање на овој тип на отпад ( во најголем дел хартија). Така во 2011 година рециклирањето на материјалот (отпадот од пакување) бил 11,7% а во 2017 година се искачува на 42,1%.  

Според економската дејност, најголем создавач на отпад е рударскиот сектор кај кој од 2014 година до 2016 година количеството на создаден отпад се зголемило од 75 198 тони на 700 549 тони. На второ место според количината на создаден отпад е секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со регистриран отпад во 2016 година од 443 043 тони а на трето место е преработувачката индустрија со 215 010 тони создаден отпад. Податоците покажуваат дека скоро 96% од создадениот отпад од компаниите, односно индустриите е неопасен додека 4% се сметаат за опасен вид на отпад кој пак најмногу се генерира во рударството и енергетиката. 

Депонии – 45 официјални и уште 1 000 диви ….

Скоро секоја општина во земјава има своја депонија. Официјалните податоци од статистичко истражување покажуваат дека на територијата на целата држава активни се 45 општински депонии, но постојат уште  1000 други диви депонии. Од вкупниот број на официјални депонии, 14 депонии се во првата група според површината – до 5000 метри квадратни.  

“Особено е важно да се нагласи дека има околу 1 000 општински „диви“ депонии, особено во руралните области. Во Република Северна Македонија, само скопската депонија „Дрисла“ исполнува минимум критериуми од стандардите на ЕУ пропишани во Директивата за депонии“ – наведуваат од Заводот за статистика.

Анализирано според географската положба по плански регион, податоците покажуваат дека најголем број на депонии, вкупно 9, се позиционирани во Источниот плански регион со вкупна површина од 1.206 метри квадратни.

Со годинешниот Буџет за заштита на животната средина се одвоени околу 6 милиони евра, со новиот Буџет за 2020 година сумата во апсолутен износ значајно се зголеми, на 20 милиони евра но како процентуално учество, со само 0,5%  во вкупниот буџет, државната логистика за реашавање на горливите проблеми со загадувањето и наму се смета дека е на ниско ниво. Алармот постојано доаѓа од невладиниот сектор и граѓанските активисти кои бараат не само значајни финансии за решавање на проблемите туку и конкретни и применливи политики. Во очекување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, токму поглавјето 27 за животна среднина ќе биде едно од потешките и проблематични бидејќи земјава ќе биде соочена со обврската за исполнување на бројни еко-европски стандарди.