fbpx

СЕЕДиг објави препораки за мобилните апликации поврзани со борбата против ковид-19

-

Меѓународната мрежа „СЕЕДиг“ посветена на дијалог за управување со интернет во југоисточна Европа (SEEDIG – South Eastern European Dialogue on Internet Governance) објави препораки до владите, здравствените власти и ИТ заедницата со кои дава насоки како да пристапуваат кон дизајнот и користењето на апликациите за следење на ширењето на Ковид-19, а притоа да водат сметка за почитувањето на човековите права на корисниците на апликациите.

Следењето преку мобилните уреди се покажува како најпопуларна алатка користена од страна на владите за време на пандемијата на Ковид-19, а со цел следење и контрола на ширењето на вирусот. Додека дел од апликациите се дизајнирани да ги следат контактите на инфицирани лица и да ги алармираат лицата од ризичните категории, други за свој примарен фокус го имаат следењето на почитувањето на мерките за самоизолација. Иако тенденцијата за користење на мобилните апликации е растечка, во овој момент не постојат официјални статистики кои би ја потврдиле нивната ефикасност.

Препораките на СЕЕДиг обезбедуваат увид во клучните прашања поврзани со човековите права како што се правото на приватност, правата на пациентите, заштитата на личните податоци.

Во голема мера, препораките се идентични со насоките кои Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис ги објави во април, 2020 година, непосредно пред пуштањето во употреба на апликацијата СтопКорона, а кои се однесуваат на транспарентноста на владата, здравствените власти и ИТ секторот при собирањето и обработката на податоците на граѓаните.

Во тие насоки, Метаморфозис потенцираше дека согласно Законот за заштита на личните податоци, а следејќи го принципот на транспарентност при обработката на лични податоци, кога личните податоци се собираат од граѓаните, контролорот (Министерството за здравство) во моментот на собирањето на личните податоци, ги обезбедува следните информации: идентитетот и контакт податоците на контролорот, контакт податоци за офицерот за заштита на личните податоци, целите на обработката за коишто личните податоци се наменети, легитимните интереси што ги спроведува контролорот или трето лице, корисниците или категориите на корисници на личните податоци, доколку ги има, информација за тоа дали контролорот има намера да пренесе лични податоци во трета земја или меѓународна организација, временскиот период за кој ќе се чуваат личните податоци, постоењето на право да се бара од страна на контролорот пристап, исправка или бришење на личните податоци, постоењето на правото за повлекување на согласноста во секое време, правото на поднесување барање до Агенцијата за заштита на личните податоци, информации за тоа дали контролорот има намера и понатаму да обработува лични податоци за цел различна од онаа за која се собрани личните податоци.

Апликација „СтопКоронa!“, објавена од Министерството за здравство на  Република Северна Македонија ги инкорпорираше овие препораки преку објавување соодветна политика за приватност.

Метаморфозис континуирано се залага за подигнувањето на свеста за заштита на човековите права онлајн и за правилното и правично користење на новите технологии. Во моментов, преку имплементацијата на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда –ICEDA“, Метаморфозис е посветен на зголемувањето на учеството на граѓанските организации во обликувањето и имплементацијата на Дигиталната агенда на Западен Балкан со што ќе се подобри искористувањето на потенцијалот на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) со цел да се подобри квалитетот на нивните е-услуги за граѓаните, како и да се зголеми нивната отвореност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...