Резултатите на седумтемина пациенти кои претпладнево се тестираа, се негативни на корона вирус, информираат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека тестираните пациенти се од Куманово, Тетово, Кичево, Охрид, Кочани, а вклучително и две трудници од Дебар.

– На пациентот од Кочани два пати му е направено тестирање, и првиот и вториот пат резултатот е негтивен. Тесот е направен два пати заради типичните симптоми на вирусот, потенцираат од министерстовот.

Сите седум пациенти денеска се јавиле со симптоми на покачена телесна температура. Министерот Венко Филишче претпладнево информираше дека од денеска има примена на нови заклучоци и мерки кои биле договорени со директорите на скопските клиники, како и со членовите на Комисијата за заразни болести.

Меѓу другото, договорено e да бидат ставени на располагање сите медицински лица од сите здравствени установи вклучувајќи ги и приватните. Исто така, донесена е одлука да се откажат стручните колегиуми на клиниките а координацијата да се прави преку телефон, како и да се третираат само итните и неодложни случаи. Одлучено е и сите пациенти од Институтот за белодробни заболувања – Козле да се префрлат на Клиниката за педијатрија за во Козле да бидат сместени евентуално заболените деца од ковид-19, со цел тие да бидат изолирани од возрасните.

Во моментов во државата има вкупно 18 лица заболени од ковид-19. Тринаесет се лечан на Инфективната клиника, а петмина во билницата во Дебар. Сите се во стабилна состојба освен една жена од Дебар која е на респираторна машина.

Факти за заболените од корона вирусот во Македонија:
  • Во земјава досега се регистрирани вкупно 19 случаи на заболени со корона вирус, од нив активно заболени во моментов се 18.
  • Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Таа е заздравена и пуштена од болница.
  • На 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија во возило со други патници.
  • До сега од брачната двојка во Дебар се регистрирани најголемиот број на случаи во земјава.
  • На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар.
  • Истиот ден (9 март) позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести.
  • 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација.
  • На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани.
  • На 13 март, се регистрирани уште четири нови случаи поврзани со сопружниците од Дебар.
  • На 14 март се регистрирани шест нови случаи, петмина од нив од Дебар и една пациентка од Скопје која се вратила од Барселона, Шпанија. Таа во авионот носела маска и ракавици и сама се пријавила кај надлежните. Сите останати 51 патници во авионот потпишале изјави за самоизолација.