Во текот на 11. седмица од оваа година, во Република Северна Македонија се пријавени 1.573 случаи со заболувања слични на грип, а регистрирани се дури седум смртни случаи, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
– Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 20,6 отсто споредено со 11-та недела од минатата сезона, а во однос на просекот за 11. недела од последните 8 сезони, постои зголемување за два пати. Во текот на изминатата недела, регистрирани се седум смртни случаи асоцирани со грип,  два од нив со датум на смрт во претходните две недели. Се работи за три лица од Скопје, две од Кичево и по едно лице од Ресен и Валандово. Возраста на починатите се движи од 37 до 82 години – велат од ИЈЗ.
Инаку, кај петмина е утврдена претходна хронична болест, односно постоење на ко-морбидитет. Кај 43 отсто од починатите, потврден е А H1 вирусот на грип.
– Оваа недела, во Вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 84 материјали за тестирање на грип, од кои 39 се позитивни за присуство на вирусот на грип – 31 Influenza A (H1) pdm, 2 Influenza A (H3) и 6 Influenza А несуптипизиран – додаваат оттаму.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување и затоа ИЈЗ препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризичните групи (согласно препораките на СЗО).
Според податоците добиени од Управата за електронско здравство (УЕЗ), вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4 отсто од вкупниот број на набавени вакцини.