Kомисиите за финансирање и буџет, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за економски прашања денеска ќе одржат седници во Собранието на Република Македонија.
На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се предлозите за изменување и за дополнување на Законот за финансиска полиција и на Законот за царинска управа, двата во второ читање.
Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат и предлозите за изменување на законите за податоците во електронски облик и електронски потпис, за денационализација, за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација и на Законот за начинот и постапката на исплатување на депонираните девизни влогови на граѓаните за кои гарант е Република Македонија, сите во второ читање, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за царинската тарифа во прво читање.
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да расправа по предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за шумите, за шумарска и ловна инспекција и за безбедност на храната за животни, сите во второ читање.
На дневен ред на седницата на Kомисијата се и предлог-законите за дополнување на Законот за ловството и на Законот за државниот инспекторат за земјоделство, во второ читање, и предлог-законот за изменување на Законот за шумите во прво читање, поднесен од пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Марјанчо Колевски, Соња Талевска.
На Комисијата за економски прашања се предлог-законот за дополнување на Законот за техничката инспекција, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат и предлог-законот за дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, сите во второ читање.