Седмото продолжение на шестата седница на Собранието, на која се расправаше за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, по четири паузи, наместо во 18 часот, вечерва беше прекинато во 21.30 часот.

Следното продолжение на седницата собранискиот спикер, Талат Џафери, го најави за петок, во 11 часот.

Вечерва, расправата помина во реплицирање помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, додека пратениците на СДСМ не учествуваа во расправата.

Теми на меѓусебните реплики беа пожарите, мигрантите, Супер купот, Договорот со Бугарија итн. За работата на Зврлевски, пак, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека власта нема никакви докази за незаконско работење на јавниот обвинител и дека бара да биде разрешен чисто од политички причини.

Напротив, како што рекоа, извештаите за работата на јавниот обвинител покажувале дека тој низ годините сè подобро си ја вршел работата.

Претходно, само на десет минути од почетокот на денешната собраниска расправа во 11 часот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа говорницата.

Тие, излегоа на говорницата по кратката расправија на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со Антонио Милошоски, кој излезе на говорницата.

Џафери го повика обезбедувањето да интервенира, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата и откако апелите на претседателот на Собранието да ја ослободат салата не успеаја, Џафери прогласи десетминутна пауза.