fbpx

Седницата продолжува в понеделник, предлогот на СДСМ не се најде на дневен ред

-

Без суштинска расправа и со многу процедурални забелешки, заврши денешното деветто продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија за избор на претседател и на членови на Комисијата за избори и за именувања и за избор на претседател на Собранието.

Претседавачот со седницата, поранешниот спикер на Собранието, Трајко Вељаноски, не го стави на гласање предлогот на СДСМ да се премине на следната точка од дневниот ред и да се избере претседател на Собранието. Тој, по паузата за координација со претставниците на парламентарните партии и по кратката „дебата“ што следеше по неа, точно во 18 часот ја прекина седницата и следното продолжение го закажа за понеделник во 11 часот.

По координацијата кај Вељаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница инсистираа дека првин да заврши расправата по третата точка од дневниот ред, пред да се оди на избор на претседател на Собранието и го обвинија СДСМ и парламентарното мнозинство дека го кршат деловникот и се обидуваат да им го одземат правото за збор во парламентот.

– Ние треба да ја завршиме оваа точка, да избереме Комисија и да дојдеме до точката 4, по што можеме да разговараме за еден, двајца, тројца, а по можност и за шест кандидати за претседател на Собранието. Мислам дека треба да спласне тензијата што ја имавме денеска тука. Важно е да се почитува процедурата – рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот колега пратеник, Антонијо Милошоски, исто така процедурално, апелираше да се почитува членот 80 од деловникот на Собранието, со кој се гарантира правото на збор и на говор на пратеникот во Собранието.

– Во целата држава, особено во главниот град, вознемиреноста кај граѓаните е зголемена и ние како претставници во Собранието да не долеваме масло. Да го почитуваме деловникот и да продолжиме по третата точка – рече Милошоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, истакна дека „ако некој мисли дека со бајпас-варијанти ќе ги спречи пратениците да го артикулираат мислењето на мнозинството граѓани во Македонија, тоа не може, а да не остави последици врз севкупните состојби во државата“.

Пратеничката на СДСМ, Радмила Шекеринска, го обвини претседавачот Вељаноски дека ја узурпира функцијата со одбивањето да го стави на гласање предлогот да се премине на следната точка на дневен ред, за избор на претседател на Собранието и да се одблокира работата на законодавниот дом.

– Денеска слушаме барања нешто да се прави на ист начин како што се правело пред четири, пет или шест години. Тоа го бараат претставници на партија која со секоја промена на деловникот ги кратеше дискусиите во парламентот. Последниот пат кога бевте нестрпливи, исфрлавте новинари, а потоа и пратеници од Собранието. Одбивањето да се стави легитимен член на деловникот на гласање е узурпација на функцијата. Процедурите ги узурпира човекот кој е претседавач со оваа седница – рече Шекеринска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...