Сединицата на Уставниот суд закажана за среда (16 март), на која ќе се одлучува дали на претседателот на државата ќе му се врати правото да помилува лица осудени за изборни измами или ќе остане актуелното решение во Законот за помилување, ќе биде отворена за јавноста, велат за „Мета“ од Уставниот суд.

– Судот секогаш бил отворен за јавноста. Седницата, како и сите претходни, ќе биде отворена за јавноста и сите заинтересирани новинари ќе можат да ја следат – велат од Уставниот суд.

Како што додаваат оттаму, во моментот кога судиите ќе треба да гласаат, јавноста ќе биде исклучена.

– Кога судиите креваат рака да гласаат, тогаш се исклучува јавноста и тоа е така 52 години, а потоа се објавува одлуката – ни рекоа од Уставниот суд.

Предлогот за одлучување, со нацрт-одлука по предметот У.бр.19/2016, односно иницијативата за оценување на уставноста на измените на Законот за помилување од 2009 година, со кои, меѓу другото, се забранува помилување за изборни измами, педофилија и за дела против човештвото, е втора точка на дневиот ред на седницата во делот на кој се одлучува по предлозите за предметите.

И покрај тоа што само пред два дена беше утврден текстот на решението со кое се поведува постапка за оценка на уставноста и на законитоста на измените на Законот за помилување од 2009 година, судијата известител Никола Ивановски очигледно решил да не го чека рокот од 30 дена и да го добие мислењето од Собранието на Република Македонија.

Според дел од медиумите, ова е најбрзо донесената одлука во историјата на Уставиот суд. Како што пишува „Утрински“, текстот за решението со кое се поведува постпка за оцена на уставноста и на законитоста на измените на Законот за помилување од 2009 година е утврден пред само два дена.

Уставниот суд завчера побара мислење од Собранието по решението, кое иако имаше рок од 30 дена да се изјасни, експресно одговори на барањето, а предлогот за одлучување уште поекспресно вчера беше ставен на дневен ред на наредната седница на Уставниот суд 16 март.

Иницијативата за помилување лица инволвирани во изборни нерегуларности е на младиот охридски адвокат Ристо Китески, кој работи во адвокатска канцеларија на бранител на осомничени лица во случајот „Титаник“.

Одлуката на Уставниот суд за прифаќање на иницијативата предизвика негодувања кај експертската јавност и граѓански протести пред објектот на судот, а реагираа и дипломатите во земјава.

Вчера министерот за правда, Аднан Јашари, изјави дека актуелниот Закон за помилување е добар и нема потреба од негово менување.

– Јас сум на истиот став како и во 2009 година кога го гласав Законот во Собранието како пратеник и понатаму сметам дека тој закон е добар и се надевам дека нема да биде изменет – изјави Јашари.

И Европската Унија вчера реагираше со став дека иницијативата за помилување е спротивна на одлуките на Собранието и на политичките партии и ги минира напорите на ЕУ и на САД за веродостојни избори.

Според Маја Коцијанчич, портпаролка на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, секоја сугестија за неказнивост во однос на изборните злоупотреби ќе биде контрапродуктивна за напорите на меѓународната заедница, која сака да се создадат услови за веродостојни избори.

– Во однос на влијанието што тоа би можело да го има на предвремените парламентарни избори, како што предвидува Договорот од Пржино, нивната цел е да бидат клучен чекор во реформскиот процес кој ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и ќе ѝ помогне на земјата да ја надмине политичката криза – изјави Маја Коцијанчич во име на ЕУ за „Нова ТВ“.