Владата денеска донесе дополнителни мерки за заштита на јавното здравје, согласно кои полицискиот час ќе трае од 20 до 5 часот наредниот ден, а се забранува и работата на сите угостителски објекти, обложувалници, теретани и фитнес центри. Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција, на која присуствуваа министерот Венко Филипче и д-р Жарко Караџовски, кажа дека според најновите тенденции кои се презентирани од здравствените власти, британскиот сој зема голем замав како и дека со истата ситуација од зголемен наплив на пациенти се соочуваат и останатите држави во регионот и во Европа.
Заев информираше дека следува забрана и посебен режим на движење на граѓаните во време од 20 до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април до 20 април. На граѓаните кои извршиле имунизација во центрите за вакцина, за временски период пред започнување на забраната, им се дозволува враќање до своите домови со потврда за извршена вакцинација.
Потоа, се воведува целосна забрана за посетители во сите угостителски објекти, вклучувајќи ги и оние во хотели, мотели, пансиони и бензиски станици, а оние кои вршат продажба на храна, можат да ја вршат онлајн или телефонски. Оваа мерка ќе биде на сила од 7 април до 20 април. Исклучок од ова се угостителските објекти на аеродромите.
Се воведува и целосна забрана за посетители во сите обложувалници. Приемот на посетители и работата на обложувалниците да се врши на шалтер. Казината ќе бидат затворени за посетители, почнувајќи од 7 до 20 април. Целосна забрана се воведува и за гости и посетители во сите вежбалници, теретани, почнувајќи од утре. За време на забраната и посебниот режим на движење, сите граѓани кои живеат во зграда и кои имаат миленичиња, може да ги изнесуваат еден час почнувајќи од 22 часот, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат. Останува на сила забраната за групирање на повеќе од четворица граѓани.
– Овој вид на корона вирус заразува многу полесно и многу побрзо. Од овие причини, согласно потребата да ги одмориме здравствените работници, донесовме нови рестриктивни мерки. Постои сериозно оптоварување на здравствените работници во битката за спасување на човечки животи. Многу држави со многу поразвиени здравствени системи се соочија со истово. Во овој бран заболуваат и млади луѓе кај кои последиците се сериозни и фатални. Повозрасните граѓани сепак се доведуваат во ризик заради можноста да им биде донесен вирусот дома. Да се ограничи бројот на контакти. Апелирам, седете дома овој период. Не излегувајте ако не е потребно и не се групирајте. Овие мерки ги воведуваме во пресрет на празниците, за да овозможиме секој граѓанин да ги помине со сите дома на број. Тоа секому е прва желба, да сме здрави и заедно со саканите. Со ова очекуваме да се намали притисокот врз здравствените работници – рече Заев.
Тој повика овие две недели граѓаните да бидат дома, да носат маски и да одржуваат растојание.
– Сега треба да се исправиме најсериозно и најодговорно. Повикувам на максимална одговорност. Овие две недели да се исправиме и да го возвратиме ударот врз овој ковид-бран – рече тој.
Министерот Филипче кажа дека е огромна бројката на новодијагностицирани пациенти и на хоспитализирани пациенти.
– Не сакаме да се случи дополнително оптеретување на здравствениот систем тешко би можеле да го изменаџираме. Хоспитализацијата трае подолго. Ако претходно се сметаше дека по 14 дена трае лекувањето, сега имаме влошување на 12, 13 ден од лекувањето и тоа на помлади пациенти на форма која ретко се гледа, со драстично влошување на белите дробови и на крвта. Во однос на смртноста, таа е висока и во регионот. Болеста е иста во сите земји во регионот и сите земји се соочуваат со истите предизвици – кажа министерот.
Во меѓувреме, во тек е вакцинацијата на највозрасните граѓани и на хроничмно болните лица. Во ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.