Пламен и чад ги разбудил дел од осумте семејства кои живеат во трошна двокатница со приземје во центарот на Штип. Пожарот избил околу 8.30 часот во приземјето и брзо се проширил на горните катови. Станарите во брзина ги извадиле децата надвор, а за кратко пристигнале и пожарникарите.

„Ме разбуди пламенот и чадот. Ги земав децата, гледам да ги спасам. Почнав да викам за другите да излезат. Гледавме да спасиме жива глава. Имаше оган на сите страни, струјата пукаше. Сè ми изгоре. Овие тренерки на мене се од соседот“, изјави Ферди Мемедовски.

Пожарникарите со две возила и цистерна брзо интервенираа и успееја да го локализираат пожарот.

„Нема повредени, зафатен е долниот дел и не дозволивме да се прошири огнот. Стара куќа е, стари тавани, дрвата уште тлеат и ќе тлеат уште некое време. Ќе остане екипа да контолира со цел да не избие оган повторно“, изјави Тони Атанасов, командир на Територијалната противпожарна единица.

Запалената куќа е позната како Старо забавиште, има сопственик, меѓутоа, овие осум семејства се дивовселени. Дел од нив доживуваат втор пожар и се преселија од комплексот Старо нервно одделение, каде пред шест години на први јануари исто така избувна пожар. Тоа се главно семејства, корисници на социјална помош. Сега повотрно останаа без ништо, бидејќи во пожарот им е изгорена покуќнината и облеката.

Додека пожарникарите гаснеа пожар, во Општината Штип, на заедничка средба претставниците на надлежните институции бараа решение. Треба некаде привремено да се сместат овие семејства, кои и онака живеат во субстандардни услови. Денешниот беше втор пожар во изминатите неколку години во старата куќа.