На денешната прес-конфренција, заменик дополнителната министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска информираше за деталите од настанот во скопско Дебар маало на 3 јуни, кога во затворен дел од угостителски објект беше присутен опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Петровска појасни дека од исказите на очевидците, односно вработените во објектот, идентификувани се сите четворица кои го придружувале Мицкоски.

„Можам само да ви потврдам дека еден од нив е поранешен функционер во владата, односно во министерството за внатрешни работи и актуелен полициски службеник“ – истакна заменик министерката.

Имено, инспекторите од државниот пазарен инспекторат биле попречени во обидот да извршат контрола во угостителскиот објект на улица Боемска, со цел да проверат дали угостителските објекти ги почитуваат препораките и мерките на Владата.

„При обидот да се изврши надзор во угостителскиот објект „Чардак“, вработените ги попречиле инспекторите да го извршат надзорот во внатрешниот дел од објектот со образложение дека немаат клуч од тој дел од објектот. Кога инспекторите се одалечиле од објектот забележале дека неколку лица излегуваат од објектот. Потоа инспекторите извршиле увид во внатрешниот дел, винаријата, каде не биле затекнати гости, но имало користен прибор и остатоци од храна што упатува дека некој ги користел“ објасни министерката.

За овој настан, известено е Јавното обвинителство кое упатило наредба за одземање на уредот за снимање од безбедносните камери во објектот. По дадената наредба за одземање на уредот, сопственикот на угостителскиот објект дал изјава дека уредот бил украден, но дека не се сеќава кога. По направениот претрес, најден е уредот за снимање на безбедносните камери и истиот е одземен.

„Согласно наредбата од јавниот обвинител, во моментов се врши негово вештачење со цел да се потврди да се утврди присуството на лицата во објектот. Во меѓувреме се чека извештајот од снимките кои треба да покажат што точно се случувало во објектот“ – додаде Петровска.

Заменик дополнителната министерка потенцираше дека од она што го поседуваат во форма на изјави, кривични пријави ќе има за оние кои ги попречувале службените лица да ја вршат својата должност, но и за лицата кои ги прекршиле мерките за превенција од ширењето на корона вирусот.

„Ова не е политички случај, ова е настан во кој се сторени кривични дела и затоа по комплетирањето на доказите ќе бидат поднесени кривични пријави против сите кои го сториле тоа“ појасни дополнителната министерката.