Третото издание на Студентскиот форум ќе се одржи на 9 мај во CoWork21 во Скопје, во организација на Форумот за промени во образованието (ФПО), известува Порталб.мк.

Овој годишен настан кој се фокусира на студентите оваа година се очекува да биде во нов формат и со нови активности.

Програмата на ова издание е внимателно изградена, имајќи предвид дека ФПО е организација предводена од млади.

„Добро знаеме што сакаат, а што не сакаат младите денес, па затоа се погриживме ниедна активност да не биде формална или здодевна“, велат од ФПО.

Учесниците ќе имаат можност да изберат една од трите кратки работилници, а ќе има и интерактивни дискусии во форматот „fireside chat“, дебати со претставници од целиот Западен Балкан, како и забавен дел со музика и разговори.

„Оваа година имаме две новини кои на изданието му даваат една друга димензија. За прв пат ќе биде прикажана изложбата „Resistance“, со интервјуа на 11 активисти од целиот регион кои вршеле креативна герилска работа за промени. Исто така за време на форумот ќе биде промовиран и нашиот прирачник со 22 колумни напишани ексклузивно за ФПО, сите со фокус на промените во образованието и младите. Идејата е секој учесник да си замине со нешто, без разлика дали станува збор за нова перспектива, нова врска или едноставно со едно вредно искуство“, велат од ФПО.

Студентскиот форум не е само локален или државен настан, туку регионален. Исто така и говорниците, повеќето од нив се од земји како Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Албанија.

„Но, она што ги прави говорниците на ова издание посебни не е само земјата од каде доаѓаат. Сите тие се луѓе кои секој ден се занимаваат со активизам, се борат за поквалитетно образование и земји без корупција. Она што им е заедничко е токму централната тема на форумот, достоинството и начинот на кој живеат и го бранат секој ден. Затоа нивните перспективи ќе бидат не само информативни, туку и инспиративни“, велат од ФПО.

Студентскиот форум е отворен за сите, а влезот е бесплатен.

„Но, учеството оваа година значи повеќе од само присуство. Студентите беа вклучени во процесот на градење на форумот, од изборот на говорниците и темите, па се до плејлистата со музика што ќе се слуша за време на настанот. Затоа што веруваме дека студентскиот форум треба да се гради од студентите, а не само за нив“, велат од ФПО.

Првото издание на Студентскиот форум се одржа во март 2024 година, а второто издание се одржа во мaj 2025 година.