Изнесените тврдења во објавата, дека пандемијата на ковид-19 била програма на СЗО креирана од Рокфелер за депопулација, а спроведена од Бил Гејтс и Ентони Фаучи, всушност се дел од една стара теорија на заговор која се појави на социјалните мрежи уште во 2020 година, кога почна пандемијата. Како што објави тогаш Црногорскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me таквите тврдења се темелат на документарец на руски јазик којшто е со постар датум, бил објавен на Јутјуб во септември 2014 година со превод на српски, односно е преземен материјал емитуван на српската телевизија Палма, пишува Вистиномер.
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Јавноста полека дознава дека фармацевтскиот индустриски комплекс бил Рокфелеров програм за депопулација… водена од евгеничари… кои активно криеле пренаменети лекови кои лекуваат рак и автоимуни болести… сето тоа предизвикано од индустријата за вакцини, поддржанаподдржана (присилена$) од фб/мета/ платформата…
Објавата споделува и фотографија од Бил Гејтс и Ентони Фаучи со знакот на СЗО.
Изнесените тврдења во објавата, дека пандемијата на ковид-19 била програма на СЗО креирана од Рокфелер за депопулација, а спроведена од Бил Гејтс и Ентони Фаучи, всушност се дел од една стара теорија на заговор која се појави на социјалните мрежи уште во 2020 година, кога почна пандемијата.
Како што објави тогаш Црногорскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me таквите тврдења се темелат на документарец на руски јазик којшто е со постар датум, бил објавен на Јутјуб во септември 2014 година со превод на српски, односно е преземен материјал емитуван на српската телевизија Палма.
Авторите на филмот тврдат дека зад заговорот стои фондот на Дејвид Рокфелер, вклучувајќи ги и магнатите од Волстрит: Руперт Мардок, Томас Глосен, Мортон Цукерман, Џери Спајер, кои се обвинети за „ширење глобален геноцид и намалување на населението“.
Лансирана вештачка пандемија за да се намали популацијата на земјата. Мислам дека луѓето нема да почнат да умираат во милиони веднаш, тоа е секако можно, но тогаш многумина би биле против вакцината, најверојатно, ефектот од вакцината ќе се покаже кај помал број луѓе, и тоа ќе влијае на мнозинството постепено. Нема сомнеж дека имаме работа со долго подготвен план за масовна вакцинација чии креатори најмалку се грижат за здравјето на луѓето… Факт е дека само неколкумина кои секогаш стојат во сенка знаат каков ефект има вакцината. Без сомнение, целта е да се уништи човечкиот имунолошки систем. Доказ за тоа е дека луѓето не умираат од СИДА, туку од болести од кои имунолошкиот систем не може да се одбрани, вели еден од учесниците во документарецот.
Во филмот има и сведоштва од некои што тврдат дека Рокфелер им ја објаснил целта, а во неа наводно се подразбира и вградување чип во луѓето преку кој тие би биле следени.
Raskrinkavanje.me потсетува дека Дејвид Рокфелер умрел три години претходно, во 2017 година и поради тоа неговото име не може да се стави во временската рамка во која овој документарец се ширел на социјалните мрежи (мај 2020). Сепак, интересно е што сите овие тврдења денеска се реактуелизираа преку теориите на заговор за Бил Гејтс, наведува Raskrinkavanje.me.
Бројните тврдења изнесени во рускиот документарец се само непроверени гласини кои никаде не се поткрепени со факти и конкретни докази.
Вистиномер веќе пишуваше за теории на заговор (оживеани од коронавирусот) за подготовка на човештвото за чипирање, како и за теории на заговор за намалување на светската популација, во кои неизбежно се спомнува и Бил Гејтс.
Што се однесува до тврдењата дека вакцините против ковид биле всушност наменети за намалување на популацијата на Земјата, односно дека тие предизвикуваат рак и други автоимуни болести, таквите тврдења не се поткрепени со никакви докази. Во врска со овие вакцини на социјалните мрежи и ден денес се шират разни теории на заговор за кои повеќе можете да прочитате на следниот линк.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека целиот овој план за депопулација кој би требало да се спроведе преку ковид вакцините, бил поддржан од Фејсбук платформата на „Мета“, истото не држи вода.
Имено, како што пишува „Мета“, компанијата ги отстранува оние лажни тврдења поврзани со вакцините против ковид-19 кои се разоткриени од експерти за јавно здравје на Фејсбук и Инстаграм. Ова, како што додаваат од „Мета“, е уште еден начин на кој ја применуваат политиката за отстранување на дезинформациите за вирусот што може да доведе до непосредна физичка штета. Ова може да вклучува лажни тврдења за безбедноста, ефикасноста, состојките или несаканите ефекти на вакцините.
На пример, ќе ги отстраниме лажните тврдења дека вакцините против ковид-19 содржат микрочипови или што било друго што не е на официјалната листа со состојки на вакцината. Исто така, ќе ги отстраниме теориите на заговор за вакцините за ковид-19 за кои денес знаеме дека се лажни: како одредени популации се користат без нивна согласност за тестирање на безбедноста на вакцината. Ќе продолжиме да им помагаме на луѓето да останат информирани за овие вакцини со промовирање на авторитативни извори на информации преку нашиот Информативен центар за ковид-19, пишува „Мета“.
Значи, своите факти во борбата против дезинформациите поврзани со ковид-19 „Мета“ ги базира на изјави и истражувања на релевантни медицински извори, а не на рекла-кажала, како што е тоа случајот со теориите на заговор, каква што е содржана и во објавата што ја анализираме.
На сајтот на „Мета“ има и Информативен центар за ковид-19 каде можат да се најдат релевантни инфоирмации и податоци преземени од официјални веб-страници, како што е на пример СЗО.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита, односно таа шири една стара, веќе дебанкирана теорија на заговор поврзана со пандемијата на ковид-19 и вакцините против овој вирус.