Се увезува ориз од Грција наместо да се произведе во Македонија

Кочанско поле и годинава се очекува да даде принос од околу 15.000 тони на ориз, засаден на близу 3.000 хектари. Повеќе ќе се увезе, главно од Грција, велат производителите. Па така, во пакувањата под име „кочански ориз“ ќе јадеме грчки ориз, чие производство е поефтино, благодарение на финансиските олеснувања со европските субвенции.

– Нашиот ориз не е конкурентен поради високата цена на производство. Друг проблем е негувањето на автохтоните сорти на ориз, кои се карактеристични за кочанското поднебје – вели Горан Миладинов, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Белиот крупен кочански ориз е од најчесто застапената сорта „aндреа“, што е автохтона сорта, семе произведено за овој регион. Меѓутоа, според Миладинов, секој производител засејува тоа што има во амбарите. Затоа никој точно не може да каже колку и која сорта се негува во Кочанско поле, што според него е значаен нерешен проблем. Друг проблем е што оризопроизводството не е атрактивно, па полека станува преокупација на пензионери и постари земјоделци.

На годинашната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, градоначалникот на Кочани Николчо Илијев потсети дека некогаш се засејувале по 8.000 хектари ориз.

– Производството станува се понеатрактивно бидејќи станува скапо и интересот кај нашите традиционални произиводители станува се помал и помал. Крајно време е сите да размислиме како ќе изнајдеме решение на овој наш стратешки производ да му даде вистинска вредност и вистинско место да се најде на пазарот, бидејќи ова многу значи и за Кочани и за кочанскиот регион – рече Илијев.

Градоначалникот го пренесе ставот на стручњаците во Институтот за ориз, според кои  кочанскиот ориз се произведува од сорти кои се регистрирани на листа на признаени сорти во Македонија.

– Тие не се генетски модифицирани, па логично е дека и кочанскиот ориз не е генетски модифициран. Увезениот бел ориз – не е кочански, и за него не можеме да тврдиме која сорта е и какви карактеристики има – додаде Илијев.

Владата најави нови мерки во производството на ориз и на јаболка. Со буџетот за следната година се најавува модернизација на Инститотот за ориз, со вложување во научно – истражувачката работа. Но, тоа засега не го решава прашањето на оризовата арпа која стои по кочанските амбари, откако лани на пазарот беше понудена цена од 12 до 15 денари за килограм.