Попладневната средба на претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за формирање владина коалиција заврши без резултати. Обајцата лидери не изразија ниту оптимизам ниту песимизам за понатамошни преговори, но посочија дека преговорите не се завршени со денешната средба.

-Жалам што не можеме денеска да соопштиме дека има договор со страните со кои разговараме. Преговорите ќе продолжат наредните денови, но добро е што е стокмен наративот на коалицискиот договор. Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара, но дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови – изјави Заев.

Тој за поканата за средба што денеска ја упати Ахмети до лидерите од албанскиот политички блок, рече дека таква средба може да имаат и претставниците на, како што рече, неалбанските граѓани.

– Ако е поводот Охридскиот договор, таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – потенцираше Заев.

Али Ахмети по средбата посочи дека колку што се блиску двете партии, толку се и далеку од договор за коалицирање.

– Јас не сакам да ги оптоварувам преговорите и не сакам последниот збор да го кажам прв. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и сме готови ова да го направиме за државата, затоа што придобивка ќе имаат стабилноста, државата, доближувањето на заедниците и така натаму. Ние само што започнавме со преговори, нема многу средби кои што се одржани, ова е втора средба. Се надевам дека сите партии ќе имаат силна волја за да ги надминеме разликите, потешкотиите – рече Ахмети.