Од следната учебна година секое дете со попреченост пред влезот во образовниот систем ќе оди на проценка на функционалноста за да се определи поддршката што детето треба да ја добие во образовниот систем – образовен/личен асистент, поддршка од други стручни работници, адаптација на просторот, односно разумно прилагодување на училишната средина, укажа министерката за образование и наука, Мила Царовска на онлајн тркалезната маса организирана од УНИЦЕФ и Министерството за образование на Белорусија.
Освен ова, таа соопшти дека во текот на наредната учебна година услугите кои се наменети за децата да имаат еднаков влез во образовниот систем ќе бидат комплетно финансирани преку системот за образование.
„Во тек е трансформацијата на посебните училишта во национални, односно регионални центри кои ќе нудат стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно-образовниот кадар во редовните училишта. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација, ќе ја обезбедуваат образовната/личната асистенција, ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, согласно со препораките на стручното тело за функционална проценка“, рече министерката Царовска.
На настанот присуствуваше и министерката за социјална политика, Јагода Шахпаска која истакна дека деинституционализацијата е процес на трансформација на целото општество.
Во моментов во државата ниту едно дете под 18 години не е сместено во институција за долгорочно сместување, посочија министерките.