Денеска во „Порта Македонија“, премиерот Никола Груевски ги собра на маса лидерите на помалите партии од коалицијата „За подобра Македонија“. Тема на разговор биле инвестициите, економијата, спорот со името, но и актуелните политички случувања со опозицијата.
По средбата Груевски даде изјава за медиумите во која кажа дека опозицијата ја нема поддршката на меѓународната заедница и дека странците не одобруваат ниту еден од потезите што ги преземаат, вклучувајќи го и бојкотот.
– СДСМ нема меѓународна поддршка ниту за бојкотот ниту за што било, што е деструктивна политика. И додека ние водиме политика со која сакаме да придонесеме за државата, да се отворат работни места, да се донесат инвеститори, тие се закопани во ровови со деструктивна политика на бојкот, политика на некакви црни сценарија, манипулации и на клевети. Тоа не е добро за земјата. Добро е да имаме здрава опозиција која што ќе нуди алтернативни решенија на реална основа, добро пресметани, за кои ќе може здраво да се дискутира во државава – рече Никола Груевски.