Се решава судбината на поранешната фабрика „Треска“: Жири-комисијата се произнесе за изградбата

Извор: Општина Центар

Општина Центар јавно го објави извештајот на претседателот на жири комисијата за избор на идејно решение за локалитетот на поранешната фабрика „Треска“, архитектот Миодраг Радоњиќ – Бато.

Извештајот се однесува на три пријави на конкурсот на Општина Центар, кои на жири комисијата предводена од од архитектот Миодраг Радоњиќ – Бато – претседател, го прворангирала конкурсниот труд со шифра „ГДВОР“, и му доделила Втора награда во износ од 369.000 денари.

Трудот е изработен од група автори Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска. Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8.

Второрангираниот труд со шифра „SRHNC“е откупен за 30.000 денари, а е дело на Сара Симоска, Лимба Минова Златески, Ружица Станковиќ, Нина Стрезовска, Христијан Пелтековски и Теодор Ангеловски. Со ова решение се предлага просторен концепт оформен од станбени блокови со катност П + 6 и станбени кули со катност П + 17.

Автор на треторангираниот труд со шифра „КСИНГ“, со откуп од 30.000 денари е Јане Стојаноски.

Подетално за наградените идејни решенија за локалитетот на фабриката „Треска“ може да прочитате на веб страната на Општина Центар или на следниов линк.