Државата ќе инвестира во изградба на нов експресен пат од Струмица до македонско – бугарската граница кај граничниот премин Ново Село. Ова во изјава за медиумите го истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска беа на увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Струмица – Ново Село.
Регионалниот пат Струмица – Ново Село се рехабилитира во должина од 12,3 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 1,8 милиони евра. Се менува дотраениот асфалт на коловозот со нoв.
– Практично, ако тргнете од Скопје кон Истокот или Југоистокот, го изградивме автопатот до Штип, интензивно работиме на експресниот пат Штип – Радовиш, еве го рехабилитираме и патот од Струмица до Ново Село, така што имаме брза врска до цел регион, што е од огромно значење за економскиот раст на земјата – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.