Се протестираше за преостанатите 10 дрвја на улицата Орце Николов (Галерија)

Протест на иницијативата „Зелен хуман град“ за спас на преостанатите дрвја на улицата „Орце Николов“ во Скопје, 13 јуни 2021. Фото: Мета.мк

На улицата Орце Николов во Скопје денеска со почеток во 12 часот се протестираше за спас на преостанатите 10 дрвја на улицата, кои останаа неисечени досега. Другите дрвја настрадаа при реконструкцијата на оваа улица.

Организаторите, иницијативата „Зелен хуман град“ побара да престане уништувањето на градското зеленило.

„Ќе запре ли некогаш, под власта на која било партија, уништувањето на белите дробови на Скопје? Ќе покаже ли барем еднаш градската администрација стручност и транспарентност во градежните зафати во Скопје? Ќе се освестат ли локалните моќници дека дрвјата во Скопје се основен предуслов за нормален и здрав живот за нас и за нашите деца?“, беше пораката од собирот.

Меѓу активистите што говореа беше и Горјан Јовановски, авторот на апликацијата „Мој воздух“

Барањата на „Зелен хуман град“ се:
1. Да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи масакрот на улица Орце Николов со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени.
2. Веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја.
3. Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување.
4. Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста.
5. Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно.
6. ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува.
7. Итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот.
8. Да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.