Вистиномер рецензираше објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

.оф, леле, да прснеш од смеење. .. победничкото лого за „скопје – град на културата 2028“! #facepalm

Во првиот коментар од објавата е фотографијата од наводното лого, но таа фотографија не го претставува победничкото лого за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Станува збор за монтажа која е најверојатно „инспирирана“ од логото за „Пловдив 2019 – европски град на културата“.

Тогаш, во Бугарија се објавија „варијации“ на логото за Пловдив 2019 – европски град на културата, кои беа претставени како различни предмети. Тие се саркастични и ги придружуваат саркастични објаснувања, а авторот е анонимен.

Една таква варијација во 2026 година на социјалните мрежи вклучително и во објавата што ја рецензираме беше преработена како да е наводно за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Но, станува збор за невистина, логото воопшто не е избрано ниту креирано за таква намена.

На официјалната страница за Скопје 2028 – европски град на културата, не може да се најде такво лого.

Официјалното лого на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ останува во употреба и може да го погледнете на следниот линк.

Во однос на логоата кои деновиве се појавија на социјалните мрежи и предизвикаа внимание во јавноста, сакаме да ве информираме дека официјалното лого на „Скопје 2028“ останува во употреба. Автор на официјалното лого е Ermal Kryeziu, а истото е изработено во 2022 година. Ја поздравуваме креативноста, различните идеи и интересот на јавноста за „Скопје 2028“. Токму тоа е духот што сакаме да го негуваме – Скопје како простор за идеи, визии, дијалог и современ креативен израз. Но, уште повеќе охрабруваме секоја добра идеја да не остане само коментар на социјалните мрежи. Следете ги нашите идни јавни повици и конкурси, пријавете се и покажете ја вашата визија за Скопје – Европска престолнина на културата 2028. Со љубов, Тимот на Скопје 2028, пишува во објавата на тимот на социјалната мрежа Фејсбук.

Извор: Вистиномер