fbpx

Се прелева членството од една во друга партија со проруска идеологија во земјава

-

Во двете македонски партии со проруска идеологија, Родина Македонија и Единствена Македонија, во последниов период се случуваат турбуленции, односно над 240 основачи од Родина до Уставниот суд поднеле барање да излезат од партијата, а истата да биде избришана од регистарот на партии. Еден од подносителите на ова барање е и Милан Јовчески, носителот на листата за Прилеп од Единствена Македонија, кој стоеше рамо до рамо со лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На повидок е прелевање на членството од една во друга политичка партија во земјава кои во својата идеологија имаат проруски ставови. Имено, основачи на партијата Родина Македонија од Уставниот суд бараат заштита и можност да го остварат своето право за истапат од партијата, бидејќи, како што образложуваат „повеќе не се гледаат во неа, ниту пак, ја делат нејзината идеологија“. Вкупно 247 основачи на партијата, преку иницијатива поднесена од адвокатот Трајче Арсов од Велес, поднеле барање за заштита на правото на слобода на мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.

Арсов за Вистиномер вели дека доколку бидат прифатени нивните аргументи, партијата Родина Македонија може да остане без потребниот минимум од 1.000 основачи, а со тоа да биде избришана од Единствениот регистар на политички партии.

Повредено им е правото на изразување на политичка мисла. Не сакаат да бидат основачи на партија во која не се гледаат и не сакаат да имаат убедувања како Родина. Нивно право е да излезат, бидејќи сакаат да се префрлат во друга партија. А реално, ако излезат тие, партијата веќе нема да постои, вели адвокатот Арсов за Вистиномер, кој не сакаше да каже во која партија би се префрлиле овие основачи.

Овие 247 основачи претходно биле одбиени од Граѓанскиот суд Скопје, а потоа и од Апелацискиот суд, со образложение дека судот по службена должност на секои четири години прави пререгистрација на партиите, кои пак, се должни да достават заверени нотарски изјави на најмалку 1.000 основачи.

Адвокатот Трајче Арсов вели дека овие граѓани не сакаат да чекаат до 2024 година, кога се навршуваат четири години од основањето на партијата, за да биде потврдено нивното бришење како основачи.

На барањето поднесено до Уставниот суд, меѓу овие 247 основачи кои сакаат да излезат од Родина, е и прилепчанецот Милан Јовчески. Иако од него побаравме изјава, преку неговиот адвокат, тој не сакаше јавно да зборува.

Доколку на интернет се пребара името на Јовчески, веднаш може да се види дека тој е веќе инволвиран во другата македонска партија која застапува проруски ставови, „Единствена Македонија“, чиј основач и лидер е Јанко Бачев.

Имено, караванот на Единствена Македонија „Сега имате избор“ лани во октомври ја промовираше советничката листа и носителот на листата за Прилеп од Единствена Македонија, Милан Јовчески, кој сè уште е еден од основачите на Родина. Тогаш се обрати и претседателот на партијата Бачев, кој ги повика прилепчани да гласаат за доброто на Прилеп, стоејќи рамо до рамо со Јовчески.

Оттаму, претпоставките се дека овие 247 луѓе веќе се инволвирани во партијата на Бачев, и сакаат официјално да излезат од Родина, а бројката на членови да падне под 1.000, со што партијата која на еден начин е конкурент, би се избришала од Централниот регистар.

Но, Зоран Јованчев, претседавачот на Родина, вели дека тоа е невозможно да се случи.

За мотивите зошто некои членови сакаат да истапат од партијата не сакам да дискутирам. Тоа си е нивна лична работа, ете, си промениле ставови. За случајот постојат две судски одлуки, и од Граѓанскиот и од Апелацискиот суд, дека судот по службена должност на секои четири години прави пререгистрација на партиите, кои пак се должни да достават заверени нотарски изјави на најмалку 1.000 основачи. Овој услов треба да го исполниме дури во 2024 година, а ние сега имаме речиси 1.500 членови, што значи дека и без овие 247 членови, го задоволуваме условот. Поништување на политичка партија не оди туку така, си постојат процедури и за тоа е надлежен Граѓанскиот суд, кој одлучи во наша корист, изјави за Вистиномер Јованчев. 

Која е партијата Родина Македонија?

Партијата Родина Македонија („родина“ значи „татковина“ на руски јазик) е основана во 2020 година и е раководена од Претседателство како колективно раководно тело.

Претставувајќи ја својата програма, партијата Родина Македонија меѓудругото се залага за истапување на државата од НАТО Алијансата и приклучување кон сојузи како БРИКС, Патот на свилата и Евроазиската економска унија (ЕЕУ). За приклучување кон ЕЕУ, која е основана со договорот потпишан меѓу лидерите на Русија, Белорусија и Казахстан, на сајтот на Родина Македонија се потпишува петиција. Нема податоци колку луѓе досега ја потпишале оваа петиција.

Во програмските цели, Родина Македонија повикува, на како што пишува „соработка за помирен и побезбеден свет со нашите истомисленици, патриотите од Америка, Европските нации, преку братските Словенски народи и Русија, новите регионални и светски сили од Турција, преку Индија и Кина“.

Партијата се залага за протерување на сите странски формални и неформални воени формации од територијата на Република Македонија. Не во НАТО, Не во ЕУ. Соработка со меѓународни организации само врз принципите на рамноправност и почитување. Повлекување од воените мисии на НАТО и политика на мирољубивост. Поништување на регистрацијата и дозволата за работа на сите НВО финансирани со странски средства, пишува во програмските цели на Родина Македонија.

На локалните избори во 2021 година партијата настапи самостојно со свои кандидати за градоначалници во Град Скопје и во општините Центар и Берово, како и со кандидатски листи за членови на совет во Град Скопје и општините Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Карпош, Бутел, Конче и Македонски Брод. Партијата не успеа да освои ниту градоначалничко место, ниту места во советите.

Документите за работењето на партијата во текот на локалните избори 2021, покажуваат дека партијата водела скромна кампања со потрошени близу 230.000 денари. Според финансискиот извештај доставен до Државниот завод за ревизија, Родина Македонија по изборите останала во минус и не успеала да покрие 83.584 денари потрошени во кампањата.

Интересна е листата на донатори. Најголеми донатори се Гордана Гоџо, позната по своите антиваксерски ставови, која донирала 16.000 денари, потоа Оливера Стојановска со две донации по 10.000 денари и Зоран Јованчев со 8.700, додека останатите 13 физички лица донирале меѓу 150 и 3.000 денари.

На Јутјуб каналот на Родина пак, редовно се одржуваат емисии во живо, каде што гостуваат и новинарката Мирка Велиновска, претседавачот на партијата Јованчев, професорот Стефан Влахов Мицов, Андреј Родионов од „Русов“, меѓународното здружение за руско-словенска соработка и здружување и многу други.

На потег е Уставниот суд

Иницијативата на адвокатот Трајче Арсов во име на 247 основачи на Родина Македонија е доставена за разгледување пред Уставниот суд. Од Уставниот суд објаснуваат дека предметот е земен за работа, но засега не може да се каже кога и како ќе заврши.

Предметот со број 63/22 за кој се интересирате е предаден на работа кај советник на Судот и кај судија, согласно член 17 од Деловникот за работа на Уставниот суд. Оформен е на 27 јуни 2022 и моментално во тек е претходна постапка која опфаќа мислења од органот кој го донел оспорениот член, анализа на  уставно-судската пракса, по што следува подготвување на реферат. Од членот 23 од Деловникот произлегува содржината на рефератот кој треба да го опфати барањето коа е поставено, да се опише кои подготовки се извршени, кои спорни правни и фактички прашања се појавиле во текот на работата по предметот, приказ на уставно-судската практика, мислење и предлог за начинот на кој треба да се реши поставеното барање. Рефератот се предава кај претседателот на Уставниот суд кој има обврска да го предложи за дневен ред на седница, велат од Уставниот суд. 

Уставниот суд досега имал неколку предмети со барања за преиспитување на делувањето на политички партии. Последната е со превласта во Левица, кога Здравко Савески, Џејлан Велиу, и Петар Чуриќ, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување. Претходно пред Граѓанскиот суд побарале да се изврши промена на актуелниот правен застапник на политичката партија Левица со друго лице предложено од нивна страна, но нивното барање не било уважено.

Уставниот суд го одби барањето со образложение дека „прашањето за односите во политичката партија помеѓу членството, нивните права и обврски, несогласувањата по одредени прашања во политичката партија, поточно наводи за повреда на правото на политичко здружување и дејствување поради внатрепартиски судири на интереси и конфликти помеѓу членовите во постојната регистрирана политичка партија и др., се внатрепартиски прашања коишто не можат да се подведат под членот 20 од Уставот“ (Уставен суд, предмет У.број. 125/2019-0-0).

Пишуваат: Мери Јордановска и Весна Коловска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...