Се прави проценка за реконструкција во црквата „Успение на пресвета Богородица“ и манастирот Трескавец

Меѓународни експерти прават увид во состојбите во манастирот Трескавец и на црквата „Успение на пресвета Богородица“, а во почетокот на ноември и експерт од Грција ќе го направи проценка на штетите од појавата на влага во црквата.

Според директорот на прилепскиот Завод и музеј, Горан Цветкоски потребно е да се најде решение за да се заштитат архитектурата и фрескоживописот на објектите. Тој информира дека за реставрација и конзервација на црквата и на трпезаријата идната година ќе се побараат 1,5 милиона денари од Министерството за култура. Во тек е и изработката на основниот проект за конзервација и реставрација на архитектурата на фрескоживописот на црквата, а веќе е почната превентивната заштита.

Од прилепскиот Завод и музеј потсетуваат дека во последните години во манастирскиот комплекс Трескавец се инвестирани околу 2,5 милиона евра од кои најмногу во обновата на конаците. Во февруари 2023 ќе се навршат 10 години од катастрофалниот пожар што ги изгоре манастирските конаци, а во изминатиот период експерти повеќепати предупредуваа дека неопходно е да се заштити црквата, односно фрескоживописот и архитектурата бидејќи влагата веќе има направено одредена штета.