Сè повеќе млади активно волонтираат, расте нивната вклученост во општествените процеси

Фото: Remi Walle / Unsplash

До крајот на 2021 година, на територијата на Република Северна Македонија активно дејствувале 33 клубови за млади од Црвениот Крст на РСМ, чиј вкупен број е 1.910 млади волонтери.

Црвениот крст на Република Северна Македонија како една од стратешките организации за активно ширење на мисијата за волонтирање на младите, ги организира Клубовите за млади, во кои во моментов има вкупно 4.142 членови.

„Согласно актуелните состојби во Клубовите на млади нашата волонтерска база мобилизира млади на возраст од 15 до 27 години. Од друга страна пак согласно политиките и нормативата за млади, член на Клуб на млади може да биде секое лице на возраст од 15 до 29 години“, посочуваат од Црвен крст.

Освен преку Црвениот крст, волонтерството во земјава најчесто се промовира преку младинските организации за активизам, што како дел од неформалниот образовен систем, ангажираат и едуцираат илјадници млади луѓе од сите краеви.

Сепак, во помалите младински организации бројките се значително помали во однос на Црвениот крст, а како една од причините за тоа, организациите ја наведуваат слабата соработка со локалната власт.

Еден пример е младинската организација „Младите можат“, која веќе 13 години охрабрува, мотивира и доследно се држи до мисијата дека младите луѓе можат самостојно или здружено да учествуваат и влијаат во позитивните промени и развојот во општеството.

„Интересот за волонтирање се менува од година во година. Така на пример пред 5 години не се реализираа толку активности, а бројот на заинтересирани млади беше огромен. Политиките кои го промовираат волонтерството треба да се најдат високо на агендата на локалните власти. Сметаме дека тоа е клучниот чекор кон популаризирање на волонтерството“, велат од „Младите можат“.

Од организацијата нагласуваат дека само мал број од општините низ државата имаат спроведено истражување на терен со цел да го увидат интересот на младите за волонтирање и граѓански активизам, што како што велат, треба да се промени.

Според нив, волонтерството како позитивна алатка во општеството бара развој на атмосфера на вклученост, соработка и споделена одговорност.

„Волонтирањето ги учи младите на тимска работа и им овозможува преку решавање на вистински предизвици да ги развиваат нивните капацитети и вештини за решавање на проблеми“, велат оттаму.

 

Средношколците како најактивни волонтери, организациите со постојани напори за популаризирање на волонтерскиот процес

За „Младите можат“ очекувана е ситуацијата дека најголем дел од младите што волонтираат се средношколци, бидејќи, како што велат, со такви можности не се стекнуваат во формалното образование.

„Најчесто волонтираат средношколци на возраст од 15 до 19 години. За време на средношколските денови, младите сакаат да спознаваат нови работи, а волонтерството им звучи многу непознато и сакаат да го истражат“, велат од „Младите можат“.

Заклучно со јули 2022 година, во оваа организација активно волонтираат 80 млади луѓе, а интересот е најголем за волонтирање на фестивали, конференции, меѓународни настани и саеми за граѓански организации.

Според „Младите можат“, младите сакаат да волонтираат на настани на кои освен волонтерско искуство, ќе можат да се стекнат со дополнителни вештини.

Со сличен став се и од Центарот за младински активизам Крик (ЦМА Крик), кои во својата децениска работа нудат специјални школи што вклучуваат работилници за меки вештини за млади со и без попреченост.

„Најчесто се вклучуваат студенти, но исто така сѐ повеќе се интересираат и средношколци од Скопје“, велат од ЦМА Крик.

ЦМА Крик како начин волонтерството да стане што попривлечно за младите, имплементира програми поврзани со темата за инклузија. Бројот на волонтери за повиците на овие програми, како што велат се зголемил, што директно води кон покачување на свеста кај младите.

„Поради темата на инклузија, најголем интерес за волонтирање има од студенти на специјална едукација и рехабилитација, социјална работа и психологија, но секако не се исклучени и другите млади кои активно се вклучуваат во активностите“, велат од ЦМА Крик.

ЦМА Крик нуди можност и за волонтирање во странство, и тоа за лица со и без попреченост, и како што велат оттаму, иако годишно се пријавуваат до 30 луѓе, ваквите можности дополнително ги мотивираат младите да се интересираат за волонтерската работа.

„Младите луѓе сè повеќе го препознаваат волонтирањето, не само како можност да се учествува, туку и како можност за учење и стекнување искуство“, забележуваат од ЦМА Крик.

Во моментов, ЦМА Крик има отворени меѓународни повици за волонтирање во странство, а повеќе информации за тоа може да се најдат тука.

Здравото и функционално општество во ниту една земја во светот не ги изоставува младите луѓе, а волонтерството е една од појдовните точки кон патот за нивна поголема вклученост во истото.

Примерите од неколкуте младински организации покажуваат дека во Македонија има свесно развиена младина, која што од година в година е сè поподготвена да ја заземе одговорноста за активно инволвирање во носечките одлуки што се значајни за иднината на земјава.