fbpx

Сè повеќе инвестиции во управувањето со отпадни води, потребни се уште за да имаме чисти води (инфографик)

-

Инвестициите во управување со отпадните води во земјава постепено растат во изминативе години, но еколозите и невладините организации посочуваат дека се потребни многу повеќе во наредниот период за да имаме чисти речни и езерски води кои ќе овозможат враќање на изумрениот биодиверзитет, дозвола за капење на граѓаните и можност за наводнување на земјоделските површини.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупните инвестиции за заштита на животна средина во делот на управувањето со отпадните води лани изнесувале 34,6 милиони евра, што е за 21,2 милиони евра повеќе во споредба со 2018 година. Во оваа сума, вклучени се инвестициите во средства за заштита на животната средина од страна на индустријата, но и на државата и локалните самоуправи.

Покрај поставувањето на филтри од страна на индустриските капацитети, во крајната сума влегува изградбата и на пречистителните станици за отпадни води и другите мерки што ги преземаат државата и општините, со цел да се зголеми квалитетот на водите во реките и езерата. Според актуелните податоци на Центарот за јавно здравје-Скопје, само во Скопскиот регион реките Вардар, Треска, Лепенец и Пчиња се наоѓаат во најниската класа на исправност на водата, и хемиски и бактериолошки.

Од проектот „Water4Change“, кои го водат млади ентузијасти од организацијата Global Shapers Skopje Hub, велат дека ниту едно населено место во горниот тек на реката Вардар нема пречистителна станица за отпадни води, вклучувајќи го и главниот град.

„Во водите на река Вардар се детектирани зголемени концентрации на нитрити, што упатува кон комунални отпадни води (канализација), отпад од фарми и хемиски материи кои се користат во минералната исхрана на растенијата како главни причинители на загадувањето“, наведуваат од „Water4Change“ во нивната кампања за едукација на граѓаните за реалната состојба во која се наоѓаат водите во нашата земја.

„Мета.мк“ во изминатиов период објави серија на написи за лошиот квалитет на водите во нашите реки и езера. Според Директивата за урбани отпадни води на ЕУ, секоја земја-членка мора да изгради станици за пречистување на отпадните води за населените места поголеми од 15.000 жители. Ако сака да влезе во ЕУ, нашата земја мора да го исполни ваквиот критериум.

Македонија досега успеа да изгради вакви инфраструктурни објекти во Куманово, Берово, Струмица, Радовиш, Кичево, Гевгелија, Прилеп и Кочани. Според проценките на ЈП „Водовод и канализација“, пречистителната станица за отпадни води во Скопје, како најголем објект од ваков вид во земјата, ќе почне да се гради кон крајот на 2021 година. Во наредниот период идентичен објект е предвидено да се гради во Тетово и Битола, како и во неколку други поголеми општини во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...