Се одржа првиот Национален средношколски самит: „Бидете во чекор со генерацијата“

Фото: ОДАС

На Економскиот факултет при УКИМ во саботата се одржа првиот Национален средношколски самит на кој средношколците имаа можност да ги истакнаат своите ставови и предлог решенија за проблемите со кои се соочуваат во образовниот систем.

Анисија Угриновска, претседател на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), истакна дека ставовите и предлог решенијата кои беа истакнати на Самитот ќе бидат сублимирани во Декларација.

„Тоа е и целта на самитот на кој се поканети средношколци од сите средни училишта во државата, тие имаа шанса да ги истакнат своите ставови и своите предлог решенија за постоечките средношколски прашања, а истите потоа ќе бидат вметнати во Декларацијата која ќе биде документ кој ќе ги идентификува слабостите на образовниот систем во Макеоднија, а исто така ќе предвиди мерки за подобрувањње на истиот. Секој средношколец ќе има шанса да учествува подеднакво во подобрувањето на својот систем“, рече Угриновска.

Целта на Националниот средношколски самит 2022, како што соопштија од ОДАС, беше слободно произнесување на средношколците за нивните колективни проблеми на национално ниво и предлагање решенија за нив. На Самитот се дискутираше за темите што се актуелни меѓу средношколците во моментов: ментално здравје, настава во време на криза, неопходни ресурси.

Угриновска оцени дека средношколците во никој случај не смеат да бидат пасивни учесници во образовниот процес, туку напротив активно и проактивно да учествуваат во неговото подобрување.

„Имаме прилика да бидеме создавачи на средношколските политики и секако да бидеме во чекор со генерацијата. Носењето на средношколските политики можам да кажам дека со периодот на изолација на социјална дистанца нашето учество можеби беше ставено на периферија, токму сега е моментот истото да го смениме и зголемиме нашето учество“, порача таа.

Самитот беше поддржан од страна на Владата на РСМ, Собранието, УКИМ, УНИЦЕФ, граѓанскиот сектор, психолозите во средните училишта, експерти од областите за кои ќе се дискутира и средношколските органинзации, а организатор на настанот беше Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците.