Се одржа Денот без автомобили, Град Скопје најавува дека „Рекорд“ од 2023 година ќе биде пешачка зона

Извор: Град Скопје

На улицата Васко Карангелески во населбата Аеродром вчера се одржа Денот без автомобили во Скопје, на кој голем број граѓани ги оставија автомобилите и дојдоа пешки или со велосипеди да ги проследат бројните културни активности што ги организираа градските власти во период од 12 часа. Во одбележувањето на вчерашниот ден се приклучи и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој на настанот пристигна со велосипед.

„Денешниов ден го искористивме за една хумана мисија која ја зацртавме пред 4 години, а се однесува на одржливата урбана мобилност. Она по што се разликува овој ден без автомобили од претходните е фактот што за прв пат во Скопје овој ден се организира надвор од Европската недела на мобилноста и за прв пат се затвора една градска улица во времетраење од 12 часа, за разлика од претходните затворања кои траеле симболични 2-3 часа. Целта на оваа акција е стимулирање на алтернативниот начин на транспорт, алтернативното движење низ урбаните средини и граѓаните да видат дека можеме да живееме без автомобили“, изјави градоначалникот Шилегов.

Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот. Вчерашниот настан доби поддршка и од неформалната група велосипедисти „На Точак“, кои го организираа нивното 86-то возење од Критична маса на велосипеди низ скопските улици, што заврши токму на улицата Васко Карангелески.

Скопскиот градоначалник пак вчера најави дека улицата Димитрије Чуповски што минува низ „Рекорд“ ќе постане пешачка зона до 2023 година. Петре Шилегов најави дека со изведбата на првата линија од брзиот автобуски систем (БРТ) ќе се затворат за сообраќај Димитрије Чуповски, како и 11 Октомври која што минува пред парламентот. Низ оваа улица ќе биде дозволено минување единствено на „трамвајот на тркала“, противпожарни и амбулантски возила.

„Останатиот вид на сообраќај ќе мора да се дисперзира по средниот ринг. Мораме да одиме паралелно со тие димензии, затоа што мораме да дадеме и алтернативен начин на граѓаните за движење низ центарот, па да го затвориме авто-сообраќај и тоа како стратешка цел на нашиот град ќе се имплементира заедно со првата фаза на бас-рапид транзитот“, изјави Шилегов.