Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се очекува да го назначи сенаторот Марко Рубио од Флорида за државен секретар, изјавија од Њујорк Тајмс.
Се истакна дека иако Трамп сè уште може да се премисли во последен момент, од сега планира да му ја понуди позицијата на Рубио, сенаторот со три мандати. Рубио беше во потесен круг на потенцијални кандидати за потпретседател на Трамп, функција која на крај беше доделена на Џеј-Ди Венс.
Рубио првпат беше избран во Сенатот во 2010 година. Во Капитол Хил е познат како „јастребот на надворешната политика“, кој се залага за одржување на меѓународните односи на САД, како и односите со НАТО.
Тој првично се судри со оние Републиканци кои беа поскептични во врска со интервенциите во странство, но тој исто така во изминатиот период го има советувано Трамп за прашања војната на Русија против Украина, велејќи дека конфликтот дошол во ќор-сокак и дека „треба да се доведе до заклучок“.
И покрај тоа што зборуваше со строги зборови за Русија во минатото, Рубио веројатно ќе ги проследи очекуваните планови на Трамп да ја притисне Украина да најде начин да се договори со Русија и да остане надвор од НАТО. Не е јасно дали лидерите на Украина или Русија би биле подготвени да влезат во разговори по наговор на Трамп.
Во 2016 година, тој беше во трката за републикански кандидат за претседател, натпреварувајќи се против Доналд Трамп и други кандидати. За време на тогашните дебати, Трамп понижувачки го нарекуваше Рубио „Малиот Марко“. Рубио се повлече од трката откако изгуби против Трамп во Флорида.
Рубио е еден од сенаторите кој најмногу се залага за потребата САД да бидат поагресивни кон Кина. Тој има усвоено позиции кои подоцна станаа повеќе мејнстрим во двете партии. На пример, додека служеше во Конгресот за време на првата администрација на Трамп, тој почна да се залага за индустриска политика наменета да им помогне на САД подобро да се натпреваруваат со кинеската економија насочена од државата.
Во 2019 година Рубио му помогна на Трамп да усвои политика на остри санкции против Венецуела во обид да го собори нивниот авторитарен левичарски претседател Николас Мадуро.
„Тој избра битка што не може да ја добие. Тоа е само прашање на време. Единственото нешто што не знаеме е колку време ќе потрае – и дали ќе биде мирно или крваво“, изјави Рубио во интервју за „Њујорк тајмс“ за претседателот на Венецуела.
Трамп го направи својот избор за голем број други улоги во националната безбедност. Тој го избра претставникот Мајкл Валц, републиканецот од Флорида, за негов советник за национална безбедност, а претставникот Елис Стефаник, републиканец од Њујорк, за амбасадор во Обединетите нации.