Од 09:50 часот на регионалниот пат 1102, Гевгелија-Богданци, поради излизгана машина за чистење на снег, сообраќајот е во прекин во двата правци, информира АМСМ.
„Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија пат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава“, информираат оттаму.
Активни забрани за тешки товарни возила има на Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, Тетово – Попова Шапка (за патнички возила задолжителна е употреба на зимска опрема), како и Пресека – Плетвар – Ѓавато – Струга – Г.П. Ќафасан, Делчево – Г.П. Делчево.
„Од 06:30 часот се нормализира движењето за тешки товарни возила на автопатот А1 од Клучка Демир Капија до Клучка Смоквица. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, додаваат во АМСМ.
Оттаму потсетуваат за законската обврска за поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.
„АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево“, велат во АМСМ.
Во меѓувреме, од Управа за хидрометеролошки работи информираат дека утринава снег паѓа во Крива Паланка, во Тетово, Штип, Берово, Куманово и Дебар. Времето денеска ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 степени. Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 2 степени.