Скап увоз на струја, уништување на дрвниот фонд на шумите, огромно загадување на воздухот во градовите и дотраена мрежа за снабдување со централно греење се само дел од оценките на Светската банка за затоплувањето на објектите во земјава во текот на зимските месеци.

Банката во еден од извештаите за реализација на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор во земјава, предупредува дека загревањето на просториите во зимските месеци се врши првенствено со дрва, кај 64 отсто од објектите и електрична енергија, која го покрива затоплувањето на 25 отсто од севкупниот фонд на згради.

На централно греење се затоплуваат само 9 отсто од објектите во Македонија, и тоа само оние што се лоцирани во Скопје. Притоа, Светската банка го оценува парното греење во главниот град како доста старо и со неефикасна мрежа, што само ја засилува оценката за исклучителната енергетска неефикасност на затоплувањето.

„Греењето на електрична енергија е многу неефикасно и ги влошува предизвиците за снабдување со електрична енергија, создавајќи потреба од скап увоз на електрична енергија, особено за време на зимската сезона. Големата потрошувачка на нерегулираното огревно дрво е исто така неодржливо и може да доведе до уништување на шумите, што предизвикува неповолни влијанија врз животната средина, економијата и здравството“, се нагласува во извештајот на Светска банка.

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека во 2018 година во главниот град имало вкупно 55.553 активни потрошувачи приклучени на трите системи за дистрибуција на топлинска енергија – „Балкан енерџи груп“, АД „ЕСМ – Подружница енергетика“ и „Скопје север“ АД. Бројката на корисници на централното греење во главниот град континуирано расте и е зголемена за над 7.400 во изминативе пет години.

Сепак, поради незадоволството на граѓаните од високите цени на парното и бројните исклучувања во периодот од 2011 до 2014 година, централното парно греење во 2018 година успеало да ја достигне единствено веќе постигнатата сума на корисници на парното од 2006 година. Најголем дел од новите корисници што се приклучени во изминативе пет години се бројните нови објекти што се изградија во централните скопски општини.

За сметка на ова, податоците од Годишните извештаи на РКЕ покажуваат дека во одредени делови на Скопје, како што се општините Чаир, Бутел и Гази Баба, со години не е изграден ниту еден нов километар на дистрибутивната мрежа за централно греење, при што дистрибуцијата функционира како три одделни системи за топлинска енергија што меѓусебно не се поврзани. Како резултат на ова, цените за затоплување на објектите со централно греење се различни за секоја од трите системи одделно. Од друга страна, во некои населби од скопските општини Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај воопшто не е изградена дистрибутивна мрежа за централно греење.

За да се надминат бројните проблеми со затоплувањето на објектите, Градот Скопје пред една и пол година го основаше новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи“. Минатата есен поднесоа и барање за лиценца за работа за дистрибуција на топлинска енергија, но до денешен ден ова претпријатие не го започнало своето функционирање во делот на преземање на дистрибутивната мрежа во главниот град.

Во меѓувреме, државата планира да преземе мерки за да се зголеми бројот на корисници на централното греење во Скопје. На предлог на Регулаторната комисија за енергетика, во новиот Закон за градење ќе се вметне обврска за инвеститорите на нови објекти да обезбедат приклучок за парно греење, без кој нема да имаат можност да добијат одобрение за градење.

Собранието на вчерашната седница го усвои Законот за енергетска ефикасност, во кој се вметнати отежнувачки обврски за граѓаните кои ќе сакаат во иднина да се исклучат од системот за централно греење. Имено, тие ќе мора да достават извештај од енергетска контрола, со кој ќе докажат дека новиот систем за греење или ладење што би го употребувале ќе обезбеди намалување на користењето на примарната енергија, ќе биде еколошки поприфатлив и енергетски поефикасен. Исто така, секој граѓанин за исклучување на системот од парно ќе мора да обезбеди писмена согласност од мнозинството станари во зградата во која живее.