Сè е подготвено за спроведување на државната матура, на 5 јуни ќе се одржи првото полагање

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

На 5 јуни започнува полагањето на државната матура за над 15 илјади матуранти. Учениците од завршната четврта година во средното образование ќе го полагаат првиот екстерен испит по предметот мајчин јазик, како еден од четирите – два екстерни и два интерни предмети во рамки на концептот за полагање матура годинава, договорен помеѓу надлежните институции и претставниците на средношколците организации, а кој, како и досега предвидува изработка на проектна задача, информираат од Министерството за образование и наука.

По овој повод, министерката за образование и наука Мила Царовска денес беше во посета на Државниот испитен центар кој е одговорен за организација на целиот процес. Таа рече дека Државниот испитен центар ги завршил сите подготвителни активности предвидени со планот за организирање на државната матура и врз основа на тоа очекува процесот успешно да се реализира.

„Усвоени се сите неопходни протоколи врз основа на кои матурата треба да се спроведе во услови на пандемија, а со цел да се заштити здравјето на учениците, наставниците и сите други учесници во процесот. Предвидено е во училница да бидат присутни најмногу до 15 ученици, а некаде и помалку во зависност од просторните услови. Во меѓувреме над 2.000 тестатори се вакцинирани со двете дози кои значат стекнат имунитет“, информираше Царовска.

Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска рече дека вкупно 15.294 ученици се пријавиле за полагање државна матура, од кои 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 се од средно стручно образование и 261 се од средно уметничко образование. Информираше дека испитните програми за предметите што се опфатени со матурата оваа година се скратени, а воедно и дека согласно договореното со средношколците, базените со можни прашања им се достапни на три недели пред полагањето на секој испит.

По полагањето на првиот задолжителен екстерен испит по мајчин јазик на 5 јуни, ќе следи и полагање на вториот екстерен испит кој е изборен. Учениците кои можеа да одберат помеѓу математика или странски јазик, ќе полагаат на 11 јуни. Интерните ќе бидат организирани до крајот на јуни по распоред кој го креираат самите училишта. Проектната задача се реализираше од 15 март до 30 април. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит.

За матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе бидат заболени од ковид-19, или ќе бидат во изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии. Тие што нема да положат матура во јуни, дел или во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот и 13 август за вториот екстерен испит.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар започнаа со подготвителни активности за изработка на целосно нова концепција за државна матура која ќе се применува од следната учебна година и ќе овозможи различни видови на матура за гимназиското, стручното и уметничкото образование. За оваа цел е формирана посебна работна група составена од претставници на надлежните институции и претставници на средношколците, а воедно ангажиран е и експерт од Светска банка кој работеше и на актуелната концепција за полагање државна матура.