fbpx

Се чека ред за во градинка, а запишани деца не одат заради страв од ковид

-

Градинките во државата веќе година и пол се отворени за згрижување деца под посебни протоколи во време на пандемија. Директорките на неколку градинки со кои поразговаравме велат дека во некои од нив нема доволно место за да се примат сите деца, па поради тоа листите за чекање се полни, а од друга страна, родители кои си ги запишале децата, се плашат да ги носат заради ковид.

Елена Устамитова, директорката на „Буба Мара“ во Аеродром вели дека градинките работат со почитување на сите протоколи. Во оваа градинка има доктор кој е во комуникација со родителите ако некое дете развие некој симптом.

„Градинките најпрво беа отворени пред училиштата. Немаме некои посебни проблеми. Хигиената е на највисоко ниво, постојано разговараме со родителите односно ги предупредуваме тие да се здрави кога ги носат во градинка. Ако имаат сипмтом да се реагира. Ние како градинка си почитуваме протоколи од прием на дете па во текот на престојот секоја група си има свој влез“, вели Устамитова.

Согласно правилата, во јасли групите може да бидат згрижени најмногу до 15 дечиња, а во групите каде има деца на возраст од 2 до 6 години може да има максимум 25 деца.

„На месечно ниво со стурчниот тим правиме анализа и ако забележиме отсуства подолго време тогаш реагираме. Секогаш има причина за отсуствата. Најчесто се случуваат поради здравствени проблеми. Немаме деца што држат место, а не доаѓаат во градинка“, додава директорката.

Наде Гировска, директорката на градинката „Орце Николов“ во општина Карпош, вели дека сите протоколи останаа исти освен што бројот на деца во групи се зголеми.

„Кај родителите има интерес. Бараат родителите да си ги запишат децата во градинка, но кај многумина од нив сепак стравот владее, па затоа и многу од децата не доаѓаат иако се запишани. Кај нас во градинка имаме место, ги запишуваме. Вкупниот број на деца кои може да ги примиме согласно протоколот е 440“, вели Гировска.

Во градинките посебно внимание се обрнува на хигиената и на исхраната на децата. Во случај да има позитивна негователка, целата група мора да оди во изолација. Исто е и во случај да има позитивно дете, и тогаш целата група мора да отсуствува.

Маја Ристовска, директорката на градиката „Росица“ вели дека вообичаено во изминатиот период имало поголеми отсуства, но дека постепено децата се враќаат во градинка.

„Секоја година овој период е намален бројот на деца, но сега деновиве се зголеми бројката. Отсуствата не се случуваат само поради ковид, има и настинки и други вируси. Во нашата градинка има речиси 300 дечиња кои се на листа на чекање затоа што не можеме да ги запишеме. Со протоколот сега и не смееме да примаме повеќе деца од предвиденото. Но, набрзо ќе се отворат три нови групи во клонот „Детелинка“, па дел од овој проблем ќе се реши“, вели Ристовска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...