Се чека пратениците да ги усвојат измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

Согласно новиот предлог-закон поднесен од група пратеници, субвенциите за студентски оброк од април годинава треба да изнесуваат 140 денари дневно, наместо 120 денари како досега

Илустрација: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во соработка со пратениците се работи на унапредување на законското решение за правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира, меѓу другото, и зголемување на дневниот паричен надоместок на студентите.

„Предлог измените на законот за новото системско решение се во собраниска процедура и по нивно усвојување, исплатата ќе продолжи редовно, а студентите кои го остваруваат ова право, на своите трансакциски сметки ќе го добиваат зголемениот износ“, информираат од МОН, од каде додаваат дека во меѓувреме се подготвуваат за брза исплата на средствата веднаш по стапување во сила на измените на законот.

Согласно новиот предлог-закон поднесен од група пратеници, субвенциите за студентски оброк од април годинава треба да изнесуваат 140 денари дневно, наместо 120 денари како досега. Од септември, пак, на сила треба да стапи системското решение, кога студентите преку посебни картички ќе можат да купуваат оброци кај регистрирани даватели на оваа услуга во одредени периоди од денот, месецот и годината.

Предлог-законот се наоѓа на агендата на 111-тата седница на Собранието, закажана за утре.