Се чека дозволата од Франција за извоз на последните 10 тони опасни хемикалии од ОХИС

Транспортот на десет тони хемикалии од ОХИС чекаат потврден одговор од Франција, за да се извезат и уништат во инсенераторот во Лион. Четири држави, Србија, Унгарија, Австрија и Германија, низ кои опасните материи ќе треба да транзитираат, веќе ги добиле документите и чекаат, по добивањето на дозволата од Франција, да го одобрат транзитот. Во инсенераторот во Лион ќе треба да се уништат околу 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии, кои се последните количини опасни материи од вкупно 64 тони опасни хемикалии во кои имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии, кои во дворот и во зградите на некогашната хемиска фабрика лежеа повеќе децении и беа огромна опасност за здравјето на луѓето и за животната околина.

Хемикалиите од март стојат во магацин во ОХИС, спакувани се во АДР амбалажа и подготвени за транспортирање. Последната, петта тура уништување на опасни хемикалии, ја попречи пандемијата на Ковид 19 и затоворањето на границите. Во меѓувреме истече и договорот со швајцарскиот инсенератор „Валорек Сервисис“ каде што првично требаше да заминат хемикалиите, како и дозволата за меѓународен транспорт на опасни хемикалии. Сега компанијата „Екоцентар 97“ обезбедува нови, за да се заокружи процесот на чистење на дел од историскиот отпад од ОХИС.

„’Екоцентар 97’ е целосно технички подготвен, во моментот кога ќе ја добие дозволата за извоз, веднаш да ги испорача хемикалиите во инсенераторот. Веќе имаме поднесено комплетна документација за Нотификација до надлежните министерства на секоја од транзитните држави Србија, Унгарија, Австрија и Германија, кои ги примија документите и нè контактираа, а имаме дозвола за извоз на хемикалиите и од Северна Македонија. Документацијата е доставена и до земјата на увоз, Франција, од каде чекаме потврден одговор за да го реализираме транспортот на хемикалиите“, информираат од „Екоцентар 97“.

Посочуваат дека Нотификацијата има важност од една година, но со оглед на тоа дека хемикалиите беа подготвени уште во март, пред почетокот на пандемијата, тие ќе бидат извезени во најкраток рок, штом добијат зелено светло од Франција.

Овие 10 тони непознати хемикалии се последните кои се предвидени да бидат извезени во рамките на „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС“ кој го реализира „Екоцентар 19“. На почетокот на октомври комплетно беше завршена и постапката за извоз и безбедно транспортирање и на 13 тони од опасниот винил хлорид мономер, кој замина на уништување во инсенератор во Германија. Претходно, минатата година во април, откако беа санирани садовите под притисок со хлор, 81 боца и еден контејнер, беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што се санираа оштетените вентили, а хлорот беше извлечен со дегазација и истретиран. Садовите беа исчистени од остатоците од хлор, а потоа вратени во ОХИС. Потоа беа реализирани четири од вкупно пет планирани извози на опасниот отпад. Во јануари годинава беа извезени 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер  и 17 тони опасен отпад од метанол, потоа во февруари, 16 тони опасен отпад од метанол, акрилонитрил и отпад од хемикалии со непознат состав и во март, 14 тони непознати хемикалии.