Дистрибуцијата на учебници од прво одделение, до четврта година средно образование е во тек, а рокот за доставување во целата држава, е 20 септември. Многумина ученици добиваат претходно користени учебници кои не се квалитетни и оштетени, поради што училишните раководства ќе бараат од надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), да им достават нови.

Законски, ако учебниците се користат повеќе од пет години во наставата, тие треба да се заменат со нови, па затоа МОН бара печатница која ќе печати нови тиражи. Најпрво ќе има промена на тираж по сите предмети во шесто одделение.

– Шестоодделенците, се надеваме дека во текот на оваа година ќе ги имаат новите комплети. Тоа зависи од јавната набавка како ќе помине. Во шесто одделение ќе има промена на тираж по сите предмети – техничко образование, ликовно образование, физичко образование, како и по останатите предмети, бидејќи поминати се пет години. Ќе се печатат учебници според бројот на ученици. Во државата има 13.562 шестоодделенци на македонски наставен јазик, 6.558 – на албански, 16 Срби и 647 Турци. Цената не ја знаеме во оваа фаза. Ако стаса печатницата, се надеваме дека пред второ полугодие ќе ги имаат новите помагала – објсануваат во Педагошката служба, која е надлежна за учебниците во државата.

Драган Арсовски, директор на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ вели дека во ова училиште има проблем со недостиг на учебници по стански јазици.

– Не ни се доставени учебници по странски јазици, па принудени сме да се снаоѓаме. Англиски ни доставија нешто, но тоа не доволно. Проблем е и квалитетот на учебниците.  Од минатата година кубуриме, гледааме што може да се користи, користиме. Кај нас има 1.000 ученици, а 70 отсто од учебниците се стари, 30 отсто се нови – вели Драган Арсовски, директор на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“.

Во Педагошката служба информираат дека досега не пристигнал допис со барање за дополнување на порачаните учебници.

– По завршување на процесот на целосна дистрибуција можно е поради миграција на учениците некаде да се појави недостаток од мал број на учебници доколку ученикот при промена на училиште не го земал и комплетот на учебници. Но, тоа се решава тековно во консултација со училиштата – вели Вања Велева, директорка на Педагошка служба.

Како едно од решенијата за недостигот на учебници по стручни предмети во средно струно образование, но и генерално, за олеснување на процесот на правење учебник, беше понудено од Педагошката служба, да се направат измени на Законот за учебници, со кои ќе се вратат авторските права на издавачките куќи, наместо тие да припаѓаат на Министерството за образование и наука како што е сега. Беше најавено дека такви измени би стартувале од оваа учебна година.

– Сѐуште сме на истиот став и очекуваме дека до крајот на ноември ќе имаме нов Закон за учебници со сите предложени новини и дека истиот ќе влезе во процедура на одобрување – додаваат во Педагошката служба.