fbpx

СДСМ: Зголемувањето на бројот на министерства не води до ефикасност

Законот предвидува реогранизација на ресорите во Владата. Се предвидува да бидат формирани, односно реорганизирани министерства, а со реорганизацијата, наместо 16 министерства, предвидено е да се 20

-

Зголемувањето на бројот на министерства не води до ефикасност. Ефикасноста секогаш вели со помали трошоци да се добива повеќе. Напротив. Повеќе институции доведуваат до поголема бирократија, непотребно трошење на ресурси и дополнителни компликации во координацијата на различните институции, реагираше пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, на синоќешната собраниска дебата за предложениот закон за зголемување на бројот на министерства, односно реорганизација на државната управа.

„Наместо да се подобри ефикасноста, се создава хаос и конфузија. Овој закон не нуди суштински и институционални подобрувања. Многу институции не се укинуваат туку се преименуваат. Ова претставува игра на празни зборови и не носи никакви придобивки за граѓаните. Преименување на институции без вистинска промена на нивната структура и надлежности создава илузија на реформи а проблемите ќе продолжат“, рече Битиќи.

Во врска со новиот закон реагираше и пратеничката Јованка Тренчевска.

„На шверцерски начин во Собранието се носи системски закон којшто уредува значајни прашања, не случајно е предвидено да биде донесен со двотретинско мнозинство. Нема дебата, нема консултација на експертска и стручна јавност, нема консултација на граѓански организации, нема консултација на социјални партнери. Иако во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат на целосна имплементација на Деловникот и дека редовната постапка за донесувањето на законите ќе биде правило а скратената исклучок“, рече Тренчевска.

Реагираше и пратеничката Славјанка Петровска, која потсети на изјавите на Христијан Мицкоски и потенцираше дека за неколку дена неколку пати тој го погазил зборот.

„Минатата недела гласавте за сето она што од 2017 година го критикувавте. Денешното однесување со закажувањето на седницата во 22.00 часот по итна постапка е уште едно погазување на се она што ВМРО-ДПМНЕ го говореше изминатите 7 години. Се посипавте со пепел уште неседнати во Влада. Обинувавте за скратена постапка а денеска молк, штама. Неважно е што се работи за системски закон, неважни се принципите за кои 7 години зборувавте, неважна е експертката јавност, Деловникот“, рече Петровска.

Мандатарот Христијан Мицкоски пред неколку дена го поднесе поднесе предлог-законот до Собранието. Се очекува до 11 јуни да биде усвоен на пленарна седница.

Законот предвидува реогранизација на ресорите во Владата. Се предвидува да бидат формирани, односно реорганизирани министерства, а со реорганизацијата, наместо 16 министерства, предвидено е да се 20. Се планира Министерството за економија и труд да биде министерство кое ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија. Министерството за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади.

„Агенцијата за млади и спорт нема повеќе да постои и ќе имаме посебно Министерство за спорт. Ќе има ново формирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Ќе има и Министерство за култура и туризам, како и ново Министерство за дигитализација, кое ќе ги наследи обврските што ги имаше Министерството за информатичко општество и администрација. Исто така, ќе има и Министерство за администрација“, кажа Мицкоски на прес-конференција пред неколку дена.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Утрово активни се девет пожари

Во текот на вчерашниот ден, според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), имало вкупно 30 пожари на отворен простор. Од нив, утрото активни сè уште девет пожари, 15...