Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение обвини дека порталот „Курир“ со денови молчи за приходите од 1,3 милиони евра, бидејќи зад него стои поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, инаку братучед на премиерот Никола Груевски.
Од опозициската партија велат дека фирмата сопственик на „Курир“, „ЕМ Медиа“ ДОО Скопје, е поврзана со фирмата НВСП, која, според СДСМ, е основач на агенцијата за обезбедување СГС.
„Зад агенцијата за обезбедување СГС стои лично братучедот Сашо Мијалков. Сопственик на НВСП, чијшто основач е СГС, е Владислав Стајковиќ. Владислав Стајковиќ е близок и до кумашинот на Мијалков, Жарко Луковски, главен и извршен директор на „Ти-мобајл Македонија“. Граѓаните слушнаа за поврзаноста на фирмата на Стајковиќ, НСВП, со провизијата од 540.000 евра што Мијалков ја бара за набавување опрема за прислушување од Израел, во проектот „Вистината за Македонија“. Преку „Курир“, Груевски и фамилијата ја спроведуваат уредувачката политика на медиумите кои се директно под нивна контрола“, стои во соопштението на СДСМ.