Од Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) да излезат и да објаснат зошто дозволуваат граѓаните да ја натплаќаат увезената струја, порача денеска Митко Андреевски, претседател на комисијата за енергетика на СДСМ.
„Со последната одлука, РКЕ утврдила дека ЕВН ќе набавува електрична енергија на слободниот пазар за 51,46 евра за еден мегават-час! Но, последните податоци од берзите на електрична енергија во регионот: бугарската берза, берзата во Србија, унгарската и хрватската берза покажуваат дека цената на струјата на слободниот пазар е 30 евра за еден мегават-час! Зошто, ако е намалена цената на електричната енергија на слободниот пазар, РКЕ дозволува ЕВН да набавува струја поскапа за 20 евра по мегават-час? Каде завршуваат 41,7 проценти вишок пари, земени од граѓаните на Република Македонија, со дозвола на РКЕ? – рече Андреевски.
Тој додаде дека РКЕ има обврска да ги штити интересите на граѓаните на Македонија, а не политички и бизнис-интереси.
Тој потсети дека комисијата во јули 2012 година ја зголеми цената на струјата за приближно 10 отсто, поради зголемени трошоци за увоз на електрична енергија на ЕЛЕМ.