Владата и Министерството за образование се исплашија и затоа се обидоа да ги пресретнат факултетите, од коишто секојдневно излегува јасно „не“ за државниот испит, истакна на денешната прес-конференција Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование и наука во СДСМ.

– По Правниот факултет, намерата на Владата за т.н. државен испит ја отфрли Факултетот за драмски уметности. Последната информација е дека во петокот професорите на Факултетот за земјоделство категорично застанале против владиниот државен испит. Оценките на професорите се недвосмислени. Нема потреба од дополнително оценување на студентите, со што Владата им го загрозува на студентите уставно загарантираното право на образование и влегува во автономијата на универзитетот. Ете затоа се избрзаните, брзоплети, нелогични образовни измени од викендов, во коишто Владата го спакува и т.н. државен испит и ги пушти во недела попладне невешто да ги правдаат Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски – истакна Атанасов.

По десетилјадниот масовен студентски протест и недвосмислената широка поддршка, рече Атанасов, да се решиш насила да спроведуваш спротивен став значи само едно.

-Владата вчера објави дека влегува во пресметка со општеството. Со студентите, со наставниците, со професорите, со сите! Со тоа го покажаа својот страв од општествената свест. Прашуваме, уште колку штети треба да се случат од образовните експерименти? Во извештајот на Европската комисија, во поглавјата 24 и 25, за наука и образование, е јасно констатирано дека Министерството за образование има слаби капацитети за реализација на проекти, има недоволен мониторинг на политиките и на финансиите за нивно спроведување. Институциите за образование имаат големи структурни слабости што се далеку од целите на ЕУ – рече Атанасов.

Оттаму рекоа дека сериозно се загрижени од крах на образовниот систем во Република Македонија.

СДСМ бара Владата на Груевски и Министерството за образование веднаш да ги повлечат новите необмислени измени и да престанат да носат одлуки без експертската јавност и спротивни на волјата на граѓаните на Република Македонија.