Социјалдемократскиот сојуз бара укинување на драконските казни за граѓаните што ги воведува Владата на ВМРО-ДПМНЕ во градежништвото, преку предлог-измените во Законот за градење, истакна денеска на прес-конференција Благој Бочварски, претседател на Комисија за транспорт и врски на СДСМ.
– Власта на Никола Груевски воведува глоби до 3.000 евра за граѓаните доколку по извршена значителна реконструкција на некој објект не обезбедат сертификат за енергетски карактеристики. Бараме глобите да бидат укинати, а државата да ги преземе трошоците за овој сертификат кој го бара од граѓаните. Наместо продолжување на практиката со драконски казни за граѓаните, СДСМ предлага конкретна мерка за субвенционирање на секој граѓанин што ќе реши енергетски да го изолира својот објект. Субвенционирањето се однесува на директна финансиска помош од буџетот на Република Македонија, која ќе изнесува 20 отсто од вкупната инвестиција на граѓаните. На пример, доколку инвестицијата за објектот изнесува 10.000 евра, 2.000 евра се враќаат назад кај граѓаните. Мерката за субвенционирање би се однесувала за новите станбени објекти, но и за постоечките објекти, кои немаат енергетска заштита – рече Бочварски.
Според него, за подобрување на енергетската ефикасност, државата ќе треба да одобри субвенционирање на граѓаните за изолација на плафонот или таванот на највисокиот кат од објектот, поставување надворешна топлинска изолација, замена на прозорците и за изолација на плафонот на подрумот.
На овој начин, информираше Бочварски, се добива до 70 процнети заштеда на енергија во објектите.
– Граѓаните ќе плаќаат трипати помали сметки за струја, но и помали сметки за парно. Ќе се намали увозот на струја, ќе се заштедат многу пари, а ќе се намали и загадувањето на воздухот – заклучи Бочварски.