„Трајко Вељаноски, со едно соопштение, ја разобличи провидната намера на ВМРО-ДПМНЕ да го избегне распуштањето на Собранието и да избега од избори на 11 декември. Пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери ќе присуствуваат и ќе гласаат за распуштање на Собранието денеска, во термин во кој претседателот на Собранието ќе ја закаже седницата“, пишува во реакцијата на СДСМ, на соопштението од кабинетот на спикерот Вељаноски.

Тие велат дека СДСМ денеска доставил „кристално јасна иницијатива за распуштање на Собранието веднаш“.

Претходно, од кабинетот нa Вељаноски известија дека точката за распуштање на Собранието ќе биде ставена на дневен ред на 17 октомври, веднаш по точката за усвојување на буџетот за 2017 година.

Оттаму информираа дека Вељаноски е уверен дека на овој начин, македонските пратеници ќе успеат истовремено да остварат две суштински цели: прво, да ја исполнат докрај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата и втората, да го испочитуваат договорениот рок за избори.