fbpx

СДСМ сака да разговара за одложување на изборите, ама нема со кого

-

СДСМ сака да разговара за тоа до каде е имплементацијата на Договорот од Пржино и дали има простор изборите да се одложат за извесно време, но нема со кого да разговара, тврдат извори од опозициската партија за „Мета“.

– Ние сакаме да зборуваме за тоа што досега е реализирано од Договорот од Пржино и дали можеби се создадени услови за пролонгирање на изборниот процес, но со кого, со кого да разговараме! – велат високи функционери од СДСМ за „Мета“ на прашањето дали, сепак, се разговарало за одложување на изборите и било компромисно одлучено тие да се одржат на 5 јуни 2016 година.

Шпекулациите во политичките кругови велат дека тоа бил компромисен датум затоа што инсистирањето на избори за последната недела од јуни било неприфатливо за партиите поради сезоната за одмори.

Инаку, како што се дознава, СДСМ е осамен во барањето за анализа за тоа што досега е постигнато од договореното. Од другата страна, односно од ВМРО-ДПМНЕ, нема никаков сигнал за почеток на некакви разговори на таа тема или за евентуално одложување на изборите.

Поради тоа, а како што и вчера за „Мета“ изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се чека пристигнувањето на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за да се пресече дали е потребно и ако е, кога би се одржале предвремените парламентарни избори.

Во изјавата за „Мета“, вчера, Заев дури на маса става дека „можеби ќе се дојде до заклучок дека септември е идеален датум“, но истакнува дека сè уште нема договор за поместување на изборите и, како што вели, за таа одлука треба да разговаат сите потписници на Договорот од Пржино на средбата со еврокомесарот за проширување и за меѓусоседска политика, Јоханес Хан, во Скопје.

– Засега нема конкретен договор за поместување на изборите закажани за 24 април. Можеби во општинските организации сме разговарале за роковите до кога би се прочистил избирачкиот список или би се нашол договор за медиумите. За конкретни датуми ќе разговараме на средбата со Јоханес Хан во Скопје, но тоа не значи дека изборите не можат да се одржат во април или во јуни. Можеби ќе заклучиме дека идеално време за одржување на изборите ќе биде во септември. Сепак, за тоа треба да разговараме со еврокомесарот во Скопје и со другите партии потписнички на Договорот од Пржино. Ако добијам, пак, цврсти гаранции дека изборите ќе бидат фер и демократски, тие можат да се одржат и на 24 април – изјави за „Мета“ лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На оваа изјава реплицираше директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, кој рече дека секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот од Пржино, односно изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор и на конечниот излез од политичката криза.

– Излезот од политичката криза, односно изборите кои треба да се одржат на 24 април се круната на Договорот од Пржино. Граѓаните на Македонија очекуваат договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на договорот, изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор – вели Котевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...