„Министерството за правда се крие зад фрази бидејќи повеќе од еден месец не може да ја подготви документацијата за екстрадиција на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски“, реагираше денеска Социјалдемократскиот сојуз на соопштението од министерството дека постапката е во тек и дека се работи според законите и меѓународните договори.

Од партијата го посочија примерот на Полска, која, како што велат, за само еден ден ги подготвила документите за екстрадиција на своите поранешни функционри кои се кријат во Унгарија, а од друга страна покажува дека македонската влада нема намера да го врати Груевски.

„Наместо институционална постапка за екстрадиција гледаме институционална заштита. Граѓаните заслужуваат јасен одговор зошто документите се заглавени во Министерството за правда и не се испратени“, прашуваат од опозициската партија.

Од Министерството за правда, пак, посочија дека во однос на случајот со Никола Груевски, се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура.

„Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив. Воедно, нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации“, соопшти Министерството за правда.